Молитвено поклонување пред Пресвета Богородица (15.08.2012)
Дојдете да се поклониме пред нашата Царица, Богородица.
Дојдете да се поклониме пред Дева Марија, нашата Царица, Богородица.
Дојдете да се поклониме и да припаднеме пред нашата Владетелка, Богородица и Секогашдева Марија.
Се поклонувам, моја Пресвета Владетелке, на Твоето свето зачнување, од светите Твои родители Јоаким и Ана, и Те молам, моја светлино, води ме по патот на Божјите заповеди, за да можам секогаш да живеам непорочен живот и така да го наследам Божјото Царство.
Се поклонувам на Твоето свето Рождество, кое, како што пее светата Црква, било радосно претскажување на доаѓањето на земјата на Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос. Надеж на безнадежните, помошничке на беспомошните и застапничке на сите грешни, кои Тебе Ти се обраќаат; Те молам, моја светлино, биди моја постојана радост, во овој и во идниот - бескраен век.
Се поклонувам на Твоето свето Воведение, о, Пресвета Мајко Божја, кога на Твои три години, си била одведена во Божјиот храм, каде си растела под ангелско раководство, и Те молам, моја светлино, направи ме и мене храм на Светиот Дух, под Твое раководство.
Се поклонувам на Твоето свето Благовештение, о, Пречиста Дево, кога после гласот на архангелот и просветлувањето од Пресветиот Дух Божји, си зачнала со Синот, Божјото Слово, и Те молам, моја светлино, биди ми блага вест на мене немоќниот, за радосното спасение.
Се поклонувам пред Твоето свето Раѓање, о, Пресвета Мајко Божја, кога си Го Воплотила и родила Спасителот на светот, нашиот Бог Христос, и така си станала Божја Мајка, над сите просветлена и превознесена, како Владетелка на целиот свет; и Те молам, моја светлино, биди ми и мене милостива Мајка, во овој и во идниот - бескраен век.
Се поклонувам пред Твоето свето смирение, поради кое си стоела заедно со другите жени, кои од Божјиот храм очекувале очистување. О, почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Мајка на мојот Господ, Те молам, моја светлино, со Твоите свети молитви исчисти ме од секоја нечистотија на телото и духот.
Се поклонувам, со страхопочит, пред Твоите душевни страдања, кои си ги претрпела во времето на доброволните страдања на Твојот Син и нашиот Господ Исус Христос, кога врз Тебе се исполнило прореченото од праведниот Симеон: „А и на Тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“, и Те молам, моја светлино, спаси ме и мене од сите мои душевни и телесни зла, кои од сите страни ме опкружуваат.
Се поклонувам пред Тебе, моја Пресвета Владетелке, Богородице, сеќавајќи се на Твојата радост, која си ја чувствувала во времето на Воскресението на Твојот Син и нашиот Спасител Исус Христос, и Те молам, моја светлино: да не ми биде одземена вечната радост во небесното Царство.
Се поклонувам на чесното и славно Твое Успение, кога, според примерот на Твојот Син и нашиот Бог, со својата смрт и тридневното погребение, си се преселила во вечното Царство на Твојот Син и нашиот Господ Исус Христос, и Те молам, моја светлино, умртви ги сите страсти на моите душа и тело.
Молитва: Пресвета Владетелке, моја Богородице, прими го ова мое мало молење, составено од девет строфи, и пренеси Му ги на Твојот Син и наш Бог, и моли Му се, заради Тебе, да ги просветли нашите души. Гледајќи ја Твојата света икона, како и самиот Твој лик, се поклонувам со срдечна вера и љубов кон Тебе и Твојот Божествен Младенец, Кого Го држиш во своите раце, и со солзи Те молам: заштити ме со Твојот Покров од сите мои видливи и невидливи непријатели, бидејќи Ти го воведуваш човековиот род во небесното Царство. Амин.
После ова: Достојно е...
Св. Димитриј Ростовски