Колку повеќе Ја љубиш, Таа уште повеќе те љуби
 
 
 
 
 

Колку повеќе Ја љубиш, Таа уште повеќе те љуби (16.08.2012)

Нашата Пресвета Богородица, Неговата најслатка Мајчичка, нека биде твоја заштитничка, а ти непрестајно моли се за тоа. Прегрни ја Нејзината икона како да е жива и натопи ја со своите солзи, како што мироносиците ги натопиле Исусовите нозе. Оттаму искуствено ќе црпиш утеха, како Таа да е пред тебе.

Нашата Пресвета Богородица секогаш пристигнува секаде и богато го дарува оној кој топло Ја повикува. Таа посредува за сите нас, бидејќи се удостоила да Го роди Господ, да стане Божја Мајка, Таа Го носи во својата прегратка, и постојано измолува од Него.

А ние грешните, немајќи храброст веднаш да Му пријдеме на Господ, најпрво Ја повикуваме Неговата Мајка. Таа посредува за нас, Таа ни приоѓа во сите наши неволји.

Таа е Заштитничка и Помошничка, почесна од сите ангели и неспоредливо пославна од херувимите и серафимите, бидејќи по чест е веднаш зад Пресвета Троица.

Таа е мое богатство, толку блага и толку слатка, така што во секој момент сакаш да Ја прегрнеш и да црпиш благодат на утеха. Колку повеќе Ја љубиш, Таа уште повеќе те љуби.

 

Старец Јосиф Исихаст

 

А, Пресвета Богородица многу го сака Акатистот. Затоа, ние заедно со Старецот, напамет го кажувавме додека работевме, два-трипати на ден. Еве овде имам една книгичка со Акатистот во која на почетокот пишува дека нашата Пресвета Богородица им се јавила на многу свети и им ветила дека оној кој секој ден ќе го чита Акатистот, ќе го чува во овој живот, но и после смртта ќе се застапува за него пред својот Син. Се разбира, основна е молитвата. Доколку имаш расположение за неа, не ја прекинувај, таа содржи сѐ. Доколку молитвата ослабне, тогаш читај го Акатистот. Пресвета Богородица ја сака и молитвата Богородице Дево. Понекогаш, кога ќе ја изговориш неколку пати, Пресвета Богородица ти дава благост која не може да се опише.

Старец Арсениј Исихаст