Молитвата кон Божјата Мајка спасува од ѓаволските напади (17.08.2012)
Заблагодари Ѝ се на најбрзата Застапничка, нашата Господарака Богородица, Пречистата, премилосрдната Дева Марија, Која согласно нашата усрдна молитва нѐ спасува од ѓаволските ранувања и угнетувања. Погледни кон Неа со очите на срцето во Светиот Дух, секаде присутната и сеисполнувачката; погледај на Неа, навистина присутната во твоето срце и викни кон Неа: Пребрза Застапничке, Господарке, Богородице Маријо, спаси ме од лукавиот, кој ме сопнува. И веднаш, во истиот миг, Таа ќе те спаси и според верата и надежта на твоето срце во Неа, така и ќе отстапи тежината од плеќите, огнот и тешката здодевност. Само треба цврсто да се верува дека Светиот Дух е насекаде, на секое место, дека во Него целото небо ни е блиско, како на дланка, со сите ангели и светии, дека само треба да се повикува Господ или Господарката Богородица со сето срце, со верата која веќе се гледа, со вистинското покајанието за гревовите, со кои нѐ врзува ѓаволот, или самите доброволно се врзуваме, и во тој момент спасението ќе засветли.
Прекрасно е спасението на Владетелката, така тоа и се влева во твојата душа, како лековит мелем, или како ароматичен животворен воздух, или како вода која успокојува; само погледни кон Неа со очите на срцето за надеж во Нејзините благост и моќ. Но тоа е тешко, преку срдечната вера јасно да се гледа кон Неа, еднакво како кон Господ или кон светителите, бидејќи ѓаволот се труди на секој начин да стане тврд, висок и темен ѕид помеѓу твојата душа и Господ или Богородица, ангелите и светителите; бедниот не дозволува, окото на срцето да гледа кон Господ или Неговите светии, на секој начин го потемнува срцето, ја растерува верата, го стеснува внатрешниот човек, пече, затемнува. Сите тие дејства треба да се сметаат за фантазија, за лага и преку тој замислен ѕид да се пробива кон Господ или кон Богородица и кон светиите. Како што се пробиваш, така и се спасуваш. „Твојата вера те спасува“.
Браќа мои, молете Ѝ се на Божјата Мајка, кога ќе се подигне бурата на омразата и злобата во вашиот дом. Таа, себлага и семоќна, лесно и многу добро може да ги смири човековите срца. Мирот и љубовта доаѓаат од единствениот Бог, како од свој Извор, а Владетелката е во Бога, единствено со Бога, и како Христова Мајка на Мирот, ревнува и се моли за мир во целиот свет, односно за сите христијани. Таа има моќ со својата рака да ги избрка од нас поднебесните духови на злобата, оние недремливи и упорни сејачи на злобата и непријателствата меѓу луѓето, и на сите, кои со вера и љубов притекнуваат под Нејзиниот моќен покров, бодро им дарува брз мир и љубов. Ревнувајте и сами да ја зачувате верата и љубовта во своите срца; ако самите не се трудите околу тоа, нема да се удостоите со застапништвото на Божјата Мајка, за вас пред Бога; притоа бидете секогаш најупорни и благочестиви почитувачи на Мајката на Севишниот Господ, бидејќи „Достојно е навистина да Те блажиме Богородице, секогаш блажена и пренепорочна“, повеќе од сѐ останато, Застапничке на човековиот род. Трудете се во себе да го воспитувате духот на смирението, бидејќи и самата Таа е смирена, како никој од смртните, и со љубов гледа само кон смирените. „Ја погледна смиреноста на Својата слугинка“, ѝ рече таа на Елисавета за Господ, Нашиот Спасител.
Свети Јован Кронштатски