Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Бог!
 
 
 
 
 

Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Бог! (20.08.2012)

Молете се повеќе за другите отколку за себе. Изговарајте ги зборовите: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, но секогаш имајте ги на ум и другите.

Сите сме деца на истиот Отец, сите сме едно. Затоа, кога се молиме за другите, велиме: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, а не „помилуј ги“. На тој начин признаваме дека тие се заедно со нас.

Молитвата за другите, кажувана нежно и со љубов, е некористољубива и донесува голема духовна полза. Го облагодатува оној кој се моли, но го облагодатува и оној за кого тој се моли. Тоа значи дека дејствува Божјата благодат. Кога чувствувате голема љубов и кај вас таа љубов поттикнува на молитва, тогаш брановите на љубовта го заплискуваат оној за кого се молите и влијаат на него.Така, вие околу него создавате заштитен оклоп и влијаете на него. Го водите по патот на доброто.

Гледајќи го вашиот труд, Бог дарежливо ви ја дава Својата благодат, вам и нему. Но, притоа мора да бидете мртви за себе. Го разбравте ли ова?

Вие тагувате кога другите не се добри, а би требало да се предадете на молитвата за со помош на Божјата благодат да дојдете до посакуваната цел. Вие укажувате на доброто потпирајќи се на својата мудрост, а тоа всушност, и не е толку правилно. Тајната е во нешто друго. Тајната не е во она што ќе им го кажеме или што ќе ги посоветуваме другите. Тајната е во нашата предаденост и посветеност, во нашата молитва кон Бога, кај нашите браќа и сестри да завладее Божјата благодат. Тоа е тоа што треба, во тоа е тајната. Она што ние не можеме да го направиме, ќе го направи Неговата благодат.

 

Старец Порфириј Кавсокаливиски