За искушенијата
 
 
 
 
 

За искушенијата (22.08.2012)

Бог ги допушта искушенијата за да нѐ поттикне да се сетиме на Него. Кога Го повикуваме, Тој се однесува како да не нѐ чул за да ги умножи нашите молитви, и од стравот од различните страсти, да Го повикуваме Неговото свето име. Преку болката на усрдната молитва се осветува нашето срце и опитно се учиме од слабостите на нашата изопачена природа. На тој начин, практично сфаќаме дека без Божјата помош, ништо не можеме да направиме.

Овој длабок опит се добива преку крварењето на нашето срце и останува неизбришлив. Тој станува темел за остатокот на нашиот живот. Божјата благодат си заминува и повторно доаѓа, но овој опит нас никогаш не нѐ напушта, бидејќи е втиснат во внатрешноста на срцето. Колку и сатаната да му вреска на срцето, тоа укажува на нешто што е неизбришливо втиснато во неговите длабочини, а тоа е фактот дека без Господ не можеме ништо да направиме.

Кога не би биле искушенијата, гордоста и останатите страсти, сите нас би нѐ претвориле во демони. Меѓутоа, нашиот добар Отец Бог допушта на нас да дојдат страдањата, за смирението да нѐ сочува и да ни го олесни бремето на нашите гревови.

Додека сме млади, потребно е да бидеме искушувани, бидејќи младоста лесно скршнува од правиот пат. Со текот на времето, ќе престане борбата и ќе дојде долгопосакуваниот мир. Не очајувај, без разлика колку тие страсти и да те напаѓаат. Бог ги љуби оние кои се борат и возвраќаат на ударите. Биди храбар и моли се и за мене, мрзливиот, нечистиот, недостојниот и омрaзениот!

Ако искушението му било од полза на апостолот Павле, кој вели: „во телото ми се даде трн, сатанин ангел, да ме боцка по лицето, та да не се превознесувам“ (2 Кор. 12, 7), колку повеќе ќе ни користи нам, доколку трпеливо го поднесуваме!

Апостолот Павле бил избран сад, Христова уста, мртов за светот, човек во кој престојувала целата Пресвета Троица. Иако искушението ѝ сметало на неговата апостолска проповед, иако Го преколнувал Бога искушението да отстапи, Бог ја имал предвид неговата душевна полза и не ја исполнувал неговата молба, иако апостолот три пати Го преколнувал за тоа. Напротив, апостолот Павле го добил следниот одговор: „Доволна ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила во слабоста се покажува“ (2 Кор. 12, 9). Мојата благодат, рекол Господ, ти е доволна утеха. Го имаш тоа искушение за да добиеш поголемо смирение.

Значи, чеда мои, радосно поднесувајте го секое искушение кое Бог ви го праќа, било тоа да е болка или налутените страсти, бидејќи Бог ни ги праќа за наша полза, за трпението кое го покажуваме да ни се смета за подвиг, кој инаку не сме во состојба да го извршиме.

Значи, заблагодарете Му на Бога! Прославете Го со усните и срцето, зашто благодатната утеха ќе дојде после искушението, ако го поднесеме со трпение и благодарност.

Дали некој некогаш влегол во рајот одејќи по некој друг пат, пат без искушенија, кој би можеле да го подражаваме? Не. Сите светители поминале низ оган и вода, Го прославиле Бога со своето трпение и примиле вечни венци на слава!

Не ја губете храброста во борбата. Нашиот Христос е невидливо присутен и ја набљудува борбата на секој од нас. Според тоа, борете се во трпение! Повикувајте Го Христовото име за да се всади во вашето срце и да се збогатите со Божјата благодат. Борете се за да се здобиете со чист разум, за да можете да ја почувствувате благодатта на светото Воскресение!

 

Старец Ефрем Филотејски и Аризонски