За послушанието (25.08.2012)
Ретко кој ја знае тајната на послушанието. Послушниот човек е голем пред Бога. Тој е сличен на Христос, Кој ни Се дал Себеси за пример во послушанието. Господ ја љуби послушната душа и ѝ го дава Својот Мир. Тогаш ѝ е убаво и кон сите чувствува љубов.
Послушниот човек целата своја надеж ја полага на Бога и затоа неговата душа пребива во Него. Господ му ја дава Својата благодат. Тој неговата душа ја учи на секое добро и ѝ дава сила да истрае во доброто. Човекот го гледа злото, но тоа не се допира до неговата душа, бидејќи со него е благодатта на Светиот Дух која го чува од гревот. Тој и во светот лесно Му се моли на Бога.
Светиот Дух ја сака душата на послушниот човек и таа брзо Го запознава Господ и добива дар на умносрдечна молитва.
Послушниот се предал на Божјата волја и затоа му се дарувани слободата и мирот во Бога. Тој се моли со чист ум. Меѓутоа, гордите и непослушните не можат чисто да се молат, иако многу се подвизуваат. Тие не знаат ни како делува благодатта, ниту дали Господ им ги простил гревовите. Послушниот, пак, јасно знае дека Бог му ги простил гревовите, бидејќи во својата душа Го слуша Светиот Дух.
Нашиот живот е прост, но мудар. Божјата Мајка му рекла на преподобниот Серафим: „Научи ги своите монахињи на послушание. Тие кои ќе ги зачуваат послушноста и смирението ќе бидат со тебе и блиску до мене“.
Гледате ли колку е лесно да се спасите. Но, мудроста треба да се учи преку опит. Таа од Бога се добива за послушност. Господ ја сака послушната душа, а штом ја сака ќе ѝ даде сè за што таа ќе Го замоли. Господ и денес како и порано ги слуша нашите молитви и ги исполнува нашите молби.
Преподобен Силуан Светогорец