Од беседата на Успение
 
 
 
 
 

Од беседата на Успение (28.08.2012)

Бидејќи не може со зборови да се искаже она што ги надминува зборовите, сепак, заради човекољубието на прославените дозволено ни е да им вознесуваме пофалби, и затоа што ни е дозволено да го допреме недопирливото, колку што е можно, со зборови ќе ја исполниме должноста и љубовта кон Богородица и ќе Ѝ изразиме благодарност.

 

Станувајќи сотрудничка и соучесничка во превозвишеното снисходење на Божјиот Логос, кое се изврши преку Неа, со Него праведно се сопрослави и совозвиши, секогаш зголемувајќи ја својата големина во натприродните дела. Откако од Неа Воплотениот се вознесе на небото, Таа со величествените дела, кои од Него, совршено ги поседуваше во себе, а кои ги надминуваат умот и зборовите, се соподвизуваше со Него во најпостојани и најразлични подвизи, молитви и грижи за целиот свет, советувајќи и поттикнувајќи ги проповедниците на Божјите зборови по сите краеви на светот. Единствено Таа на сите им била поддршка и утеха, на оние кои Jа слушале и виделе, и на секој начин содејствувала во ширењето на Евангелието, на тој начин покажувајќи го со умот и зборовите највозвишениот начин на живот и подвижништво.

 

Кој збор, Богородице Дево, ќе може да ја изобрази Твојата благосјајна убавина, затоа што таа не може да се ограничи ниту со мисли, ниту со зборови, бидејќи ги надминува? Меѓутоа, можно е да се опее, бидејќи тоа човекољубиво ни го допушти, затоа што си живеалиште на сите благодатни дарови и полнота на секоја убавина и добрина, продуховен образ на секоја благородност и благост, како единствена Која се удостила да ги прими сите благодатни дарови на Духот, подобро кажано, единствена во Чија утроба чудесно престојувал Оној во Кој е сокровиштето на сите благодати и Која била Негова чудесна скинија. Сега одовде премина од смрт во бесмртност и праведно од земјата се пресели на небото, за во неднебесните скинии засекогаш да пребиваш со Него, оттаму надгледувајќи го Своето наследство, смилостувајќи Го кон сите, со постојаните молитви, кои Му ги упатуваш.

 

Гледате ли дека сето создание Ја слави Мајката-Дева, и тоа не само во древните времиња, туку и во сите векови. Оттаму може да се заклучи дека Таа нема да престане, вечно да биде добротворка на целото создание, и не зборувам само во однос на нас, туку и кон бестелесните и надземни чинови, бидејќи и тие, заедно со нас, благодарение на Неа стануваат причесници и се допираат со Божественото, со таа недопирлива природа.

 

Таа е основа на тие кои биле пред Неа, заштитничка на оние кои дошле после Неа, и застапничка на вечните. Таа е основа на пророците, пример за апостолите, помош за мачениците, поткрепа за учителите, слава на земните и радост на небесните, убавина на целото создание, почеток, извор и корен на неискажливите добра, врв и совршенство на сите светии.

 

О, Божествена Дево и сега Небесна, како да ги опишам Твоите особини? Како да Те прославам Тебе, Сокровиштето на славата? И самиот Твој помен ги освети тие што си споменуваат за Тебе, и со самото поклонување пред Тебе умот се прочистува и непосредно се издигнува кон Божјата висина, со Твоето посредништво се осветлува душевното око, а духот се просветлува со населуавњето на Светиот Дух. Ти си станала Управничка и севкупност на благодатните дарови, но не за да ги задржиш за себе, туку целата вселена да ја исполниш со нив, бидејќи управникот над неисцрпните богатства се поставува за да ги распредели. Впрочем, зошто и би го чувала богатството кое не се намалува?

 

Изобилно подари им ги на сите свои луѓе и на целото Свое наследтво, сите Свои благодатни дарови, Владичице, и искрши ги оковите кои нѐ врзуваат. Гледаш какви сме и од колкави несреќи сме исцрпени, и од сопствени и од туѓи, и надворешни и внатрешни. Со својата сила преобрати ги сите кон подобро: направи тие што се внатре (во внатрешноста на градот) и соплеменици да станат кротки едни кон други, и избркај ги оние, кои слично на дивите ѕверови, напаѓаат однадвор. Подари ни ја Својата помош и исцеление пропорционално на нашите страдања, распределувајќи им на душите и телата изобилна благодат, доволна за сите, и ако не бидеме во состојба да ја опфатиме, направи нѐ способни да ја примиме и направи така преку Твојата благодат да бидеме спасени и охрабрени, славејќи Го преку Тебе воплотениот предвечен Логос, со Неговиот беспочетен Отец и Живототворниот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин.

 

Свети Григориј Палама