Должноста која произлегува од верата (03.09.2012)
Кога со верата во Бога ги спознаваме нашите должности, потребно е да ги извршуваме за да го добиеме она што ни е ветено. „Кој ги има Моите заповеди и ги исполнува, тој е оној кој Ме љуби“ (Јован 14, 21) и „Не секој кој ми вели: ‘Господи, Господи’, ќе влезе во небесното Царство“ (Матеј 7, 21). Верата не е само некакво знаење, туку таа е неизбежна и неопходна задача. „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце“ (Матеј 11, 29), „оти не ја барам Мојата волја, туку волјата на Отецот, Кој Ме пратил“ (Јован 5, 30) и „ќе најдете мир за вашите души“ (Матеј 11, 29).
Од Откровението кое ни е предадено, знаеме и уверени сме во спасението на нашата природа, која Тој ја разреши од распадливост и смрт. Не ни останува ништо друго освен послушанието и исполнувањето на истото. Тогаш, благодатта која сме ја изгубиле заради непослушноста и падот и која со доаѓањето на нашиот Спасител повторно ние е причесна, ќе нѐ одведе во спокој, воскресение, живот. И тогаш „на сите што Го примија, им даде да станат Божји синови“ (Јован 1, 12). Не, значи, оние кои Го чуја, туку оние кои Го примија, односно, кои поверуваа во Него, кои Го следат, кои Го љубат.
Безбројната војска на Христовите ученици, кои без никакви искривувања го следат светиот пример Христос, од тогаш до денес, се придржуваат до двете правила за послушност. Со тоа што успеале во тоа, и нас нѐ поттикнуваат, но и Господовата вистина нѐ поттикнува, и денес да го следиме тој пат, кој не му припаѓа само на „тоа време“. Тие две правила, кои сме ги наследиле од нашите Отци, се праксата и теоријата.
Во вистинската борба и подвигот, на почетокот, секој човек се судрува со страстите и навиките, и им се спротивставува. Понатаму, подвизувањето го надополнува исповедта, здравиот поглед на верникот „засекогаш да го отфрли ѓаволот и да Му се принесе на Христос“. Тогаш Божјата благодат, како мајка, го ослободува човекот од древното ропство, законот на пропадливоста, и го прави „нов човек во Христос“. Тогаш човекот станува „чист по срце“. Откако ќе се исполни службата, која ја нарековме пракса (дело), започнува теоријата (созерцувањето). „Блажени се оние со чисто срце, зашто ќе Го видат Бога“. И не само што ќе Го видат, туку и во Него ќе почиваат, во Него ќе се радуваат „и никој нема да може да им ја одземе нивната радост“.
Како што во мигот на создавањето, прво е создадено телото, така телесните дела се тие кои секогаш претходат. Затоа, и кога станува збор за страстите, претходат грешките поврзани со сетилата. Прво се појавуваат страстите кои зависат од сетилата, од кои, пак, зависи нашиот биолошки опстанок. Затоа што „храната и облеката“ според Павле, се потребни за нашиот живот, сетилата потиснати од бесловесните желби, погрешно се употребуваат и така настануваат страстите и „неприродните“ навики. Тоа е „паднатиот човек“, тоа е „телото на смртта“.
Во оваа страшна човекова погибел, своја улога има и „старата змија“ - ѓаволот. Бог му дозволил овде да престојува, затоа што ги излажа првосоздадените. Тоа метафорички го доловуваат зборовите „и земја ќе јадеш до крајот на својот живот“. (Бит. 3, 14). Така ѓаволот, секогаш неуморно набљудувајќи ги главните закони и правила на нашиот опстанок, непрестајно врши насилие над секое наше биолошко движење, преувеличувајќи ги недостатоците, и поматувајќи ја секоја смиреност и поредок во нашиот живот, како кај секој поединец така и во заедницата во целина, и нѐ поттикнува на отпадништво од нашите должности, и на спротивставување кон самите себеси и кон нашиот Бог Создател. Заради оваа наша состојба, душевно страдал и Павле, велејќи: „Беден човек сум! Кој ќе ме избави од смртта на ова тело“ (Рим. 7, 24). Значи, подвигот е нешто што ни е потребно, и никако не е нешто што ја загрозува нашата слобода.
Потребата постојано да бидеме подготвени ја нагласува и нашиот Господ, велејќи: „крстот нека ви биде стегнат и светилата запелени“ (Лука 12, 35). Павле нѐ поттикнува целосно да се облечеме во оружјето на благодатта, за да можеме во денот на битката „откако ќе победиме, да се одржиме“ (Ефес. 6, 13).
Пример за тоа е нашиот Господ, Кој после Крштението „отиде во пустината“, стана почеток на победата на нашата смирена природа над злото, гревот и смртта. Оттогаш, безброј херои и подвижници, го презираа лукавиот и неговите дела, и според предвечниот план, го доведоа човековото постоење во прегратката на Отецот.
Старец Јосиф Ватопедски