Духовните падови и надежта
 
 
 
 
 

Духовните падови и надежта (04.09.2012)

Свети Исак Сирин вели дека духовните падови не ни се случуваат само на нас острастените и немоќните, туку и на оние кои стојат на високата лествица на чистотата и кои, наоружени со штитот на Господовиот разум, го поминуваат својот живот во блажено безмолвие; но после сѐ, по искушенијата, во нив се вселуваат мирот и утехата, и здравоумните и спокојни помисли. О, колку често човекот станува немоќен и во својата слабост покорен и срамнет на земјата! Но, кога тој ќе го истргне пленот од рацете на силниот противник, тогаш неговото име се разгласува насекаде, него го прославуваат и неговите соподвижници и другите кои се истакнуваат во борбите и добива венци и скапоцени дарови, особено меѓу своите сострадалници. Ете како светите нѐ охрабруваат и го отстрануваат од нашиот ум секој сомнеж, за во духовната борба, во моментите на збрката која ни ја создаваат непристојните помисли, да не ослабнеме и паднеме во очај!

А кога ќе се удостоиш да те посети благодатта, не се сметај за безбеден, односно не се препуштај на сигурноста и не се превознесувај, туку смирено обрати Му се на Бога, заблагодари Му се и сети се за грешките кои си ги направил, по допуштање, спомни си колку ниско си слегол тогаш и како твојот ум во тоа време бил извалкан и болен. Размисли за нечистотијата на твојата природа; изброј ги сите нечисти помисли и лошите падови со кои си ја хранел својата душа, а таа се ладела заради губењето на благодатната топлина; претстави си ги многуте движења кои те растргнувале не толку одамна во текот на смутот, во состојбата на твоето затемнување; сети се како брзо и неочекувано си застанал на страната на страстите и си се задоволувал со нив, потопувајќи го својот ум во темнина. И, спомнувајќи си за сето тоа, покај се и укорувај се себеси.

Сфати го и тоа дека Божјата промисла дозволува да ни се случи сето ова заради нашето смирение. Еве што рекол блажениот Григориј Синаит на оваа тема: „Ако човекот, давајќи отпор на секоја страст и помисла, не биде повреден и поразуван, ако тој не прими удари од духовите на злото, не наоѓајќи помош ниту во она што го работи, ни во Бога, ниту во што било друго, и така од сите страни притиснат да дојде речиси во безнадежна состојба, тогаш тој не може да постигне состојба на покајние и смирение до таа мера за да се чувствува како најнизок од сите, најлош роб пред сите, дури и полош од самите демони, кои успеваат да заведат и измамат“.

Тоа е целта на Божјата промисла во своето спасоносно устројство, да го доведе човекот во состојба на смирение, после кое секогаш следува наградата од Бога, Божествената сила, која ја добива смирениот и таа дејствува во него и прави сѐ, станувајќи средство кое служи за правење Божји чуда.

Свети Нил Сорски