За подвизите (06.09.2012)
- Ако е благословено, раскажете ни нешто за вашите подвизи, кои сте ги правеле заедно со Старец Јосиф.
- Првите години, кога бевме во келијата Свети Василиј, бидејќи го погребавме нашиот Старец, се подвизувавме заедно, но секој во својата келија.
На иницијатива на Старецот ги пробавме сите начини на бдеење за кои пишуваат светите Отци. Долго време, никако не спиевме во кревет. Нашето бдеење почнуваше попладне, а завршуваше наутро, со првите зраци на сонцето.
Кога веќе се разденуваше, изморени, исцрени, седевме на столче, за да му го дадеме бараниот данок на телото, пред да почнеме со ракоделието. Што се однесува до јадењето, јадевме во текот на целата година, еднаш дневно, претежно суварки и леб, ако имавме, и кој било додаток, без мало, освен во сабота и недела.
Во текот на денот правевме ракоделие, јас повеќе се грижев за надворешните потреби на келијата, и истовремено кажувавме: Господи Исусе Христе, помилуј ме. За Старецот празнословието беше смртен грев (во текот на Големата четириесетница тие разговарале само во текот на викендот, а во останатите денови се разбирале со гестикулации).
- Аман Старче, според ова што ни го кажувате ние ќе одиме во пеколот.
- Не, не е така. Не гледајте на нас. Доколку направите две работи, Христос ќе нѐ стави на исто место. Послушанието и вашите духовни обврски. Што се однесува до поклоните (кога Старецот бил млад правел по 3000), правете колку што ќе расуди Старецот, според силите на секого.
Ќе ви кажам уште две работи. Пазете, колку што можете на јазикот, да не празнослови и осудува, туку кога работите непрестајно кажувајте ја молитвата. Дали тоа се тешки работи?
- Не, Старче.
- Ајде, го имате мојот благослов и доколку го применувате тоа, Христос ќе нѐ стави на исто место. Ангелот чувар оди пред вас.
Старец Арсениј Исихаст