Поуки (07.09.2012)
Да бараме од Бога, преку молитвата, страв од Него и размислување за смртта, бидејќи стравот од Бога е почетокот на мудроста, а стравот од смртта и стравот од Судот нѐ чуваат од гревот и нѐ поттикнуваат на покајание. Ова е, мислам, најдобриот совет за мирјаните. Од стравот од Бога во нас се раѓаат и растот во верата, надежта и љубовта, а од стравот од смртта се раѓаат солзите и каењето за гревовите.
Секој си подготвува храна по свој вкус и желба. Ако му е премногу слатко, по малку закиселува, ако му изгледа несолено, додава уште малку сол и зачини, и прави како што му се допаѓа: и ако му се допаѓа нему, на сите им се допаѓа. Јас така мислам. Истото се случува и со сечиј духовен живот. Секој од нас си подготвува спасение како што тој самиот расудува, како што сака и како што може, според ревноста и благодатта која Бог му ја дал. Старците кажуваат дека гладта е најдобар кувар, а сиромаштијата најдобар домаќин. Исто е и со спасението на нашата душа: ревноста, молитвата и смирението најмногу помагаат на патот кон спасението.
Сметај го својот ближен за подобар од себе, барај совет од него наместо ти да му даваш, а неговите недостатоци пополни ги со љубов. Прави го тоа и ќе се спасиш.
Станете вредни пчели кои собираат нектар и мед од најчистото благомирисно цвеќе, а не стршлени и бумбари, кои собираат храна од лепешките и плевелот. Ревнувајте за највредните добри дела, најлесни за стекнување, како што се: љубовта, молитвата, милоста и смирението. Со нив хранете се, и се надевам дека преку нив ќе се видиме со Христос, Спасителот на светот.
Без искушенија и неволји не може да се спасиме. Но да не се смутуваме, ниту да слебее нашата вера, бидејќи денес ѓаволот ги напаѓа луѓето посилно од некогаш, зашто гледа дека има малку време. Да се молиме, трпиме и сеќаваме на зборовите на Господ, Кој ни вети дека ќе биде со нас „до крајот на векот“. Исто така, за време на неволјите да не губиме надеж во поглед на животот, бидејќи Бог не нѐ остава напуштени. Зашто, како што во времето на светиот пророк Илија, Бог имаше „уште седум илјади одбрани мажи, кои не ги приклонија своите колена пред Ваал“, исто така, и во наше време Господ има уште доволно одбрани мажи и христијани, кои се силни во верата и не ја приклониле својата душа пред ропството на страстите. Господ има свои праведници по селата и градовите, кои Го прославуваат деноноќно, кои живеат во девственост и воздржување, милостиви се кон сиромашните и вдовиците. Но нивните имиња и нивниот број ги знае само единствениот Господ.
Секогаш биди препуштен на Божјата волја и ќе имаш мир во својата душа. Прави го тоа што е заповедано, не прави ништо без благослов, кога не знаеш – прашај, а кога немаш кого да прашаш, моли се, и Бог ќе ти го покаже патот.
Знак за духовниот напредок е мислата дека си најгрешен, солзите за време на молитвата, големата радост во срцето и изобилната љубов и милост кон секое создание.
Молете се постојано! Молете се од срце! Молете Му се на Бога што повеќе! Тоа е целата надеж на нашето спасение. Затоа што од молитвата извираат сите добри дела.
Кога би верувале дека Бог постојано е со нас и во нас, повеќе не би се плашеле, ни од смртта, ниту од гладта, ни од болестите, бидејќи ќе бидеме сигурни дека сме во Божјата прегратка, како деца во прегратката на својата мајка. Меѓутоа, ние не сме ја достигнале таа мера, затоа што повеќе се надеваме на парите и задоволствата, отколку на Бога.
Старец Паисиј Олару