Единствената смисла и цел на нашиот земен живот е да се спасиме (08.09.2012)
Единствената смисла и цел на нашиот земен живот е да се спасиме, да го наследиме небесното Царство. Нашиот Господ Исус Христос нѐ учи: „Бидете свети како што е свет вашиот небесен Отец“. За време на земниот живот, со помошта на Божјата благодат и со нашите добри дела можеме да ја достигнеме светоста. А, ако заради недостатокот од добродетели не можеме да се удостоиме со светост, треба да бараме да ги наследиме рајските населби. Невозможно е истовремено да бидеш добар христијанин и да живееш во грев. Ако правиш грев, се оддалечуваш од Божјата благодат и се соединуваш со нечествивиот. Според тоа, се оддалечуваш од Црквата, од Светите Тајни и од боговдахнатото учење на Црквата, само за да ги задоволиш своите страсти, кои лукавиот ги посеал во твоето срце. Човекот не треба да ги следи своите страсти. Затоа Црквата пее: „Уште од младоста лукавиот ме искушува...“ Затоа и во Светото Писмо пишува: „Не лажете се едни со други, бидејќи го соблековте стариот човек со неговите дела и се облековте во нов, кој се обновува за познание, според ликот на Оној Кој го создал“. Зашто ако сѐ уште сме стариот човек, тогаш сме робови на страстите и гревот.
Човековиот дух станува демонски, односно се демонизира преку гревот. Преку нашите видливи и невидливи движење и мисли, ѓаволот го сее семето на злото во нашето срце. Ако човекот го прифати тоа семе на злото во срцето, тоа почнува да расте. Ако човекот не е трезвен и не го отфрли, и не го исчисти своето срце со благодатта на Светиот Дух, и со секое добро дело, а особено со молитвата, постот, исповедта и причестувањето, тоа ќе се вкорени и ќе почне да расте. И од тој миг, лукавиот си заминува од човекот и е сигурен дека тој ќе ги следи и ќе живее според своите страсти неплашејќи се од никаво зло; човекот мисли и кажува дека никако не може да не ги прави тие гревови.
Затоа уште од почетокот мораме да внимаваме на нашата телесна и духовна чистота. Во нашата духовна борба и во подвизите ќе имаме голема помош ако ја зачуваме телесната и духовната чистота, како што тоа се прави во монашкиот живот. А мирјаните треба да стапуваат во брачните односи така како што учи Црквата. Нечестивиот го знае сето ова, и откако сте стапиле во Светата Тајна Брак, тој се труди свирепо да ве бутне во гревот на прељубата и блудот. Овие многубројни зла во ова наше време доаѓаат од демоните, кои сакаат да го осквернат храмот на Светиот Дух, а тоа е телото на христијанинот. Кога еднаш ќе ги направиш тие гревови и повеќе не можеш да се молиш, престануваш да одиш на Литургија, не се исповедаш и не можеш да се вежбаш во добродетелниот живот.
Заради тој световен дух, кој преку лошто образование, богохулните филмови, рекламите, желбите и гревовите, кои уште од детството ги моделира околу срцето, христијанинот не може да се моли, ниту да прави добри и богоугодни дела. Но дури и оние кои паднале во најтешки гревови можат да се поправат со помош на Божјата благодат. Таа борба и избавување од гревовите и демоните ќе им се прифати како мачеништво.
Старец Дионисиј Игнат