Поуки (10.09.2012)
Во сѐ бидете како деца: и кога се работи за верата, и кога станува збор за животот.
Во каков грев и да западнеш, покај се, и Господ е спремен да те прифати во Својата прегратка.
Внимавај на себе. Ако сакаш да живееш духовен живот, стражари над себе. Секоја вечер размисли што си направил, за доброто заблагодари Му се на Бога, а за лошото покај се.
Кога те фалат, а ти ги приметуваш своите недостатоци, тогаш тие пофалби треба како нож да те сечат по срцето и да предизвикаат желба за поправање.
Ако забележуваш склоност кон некој грев, направи два поклона пред Владичицата со молитвата: „Пресвета Богородице, по молитвите на моите родители, спаси ме мене грешниот“. Духот на твоите родители во молитвата ќе се соедини со твојот.
Труди се околу воспитувањето на своите помали браќа и сестри: биди им пример и запомни дека доколку имаш некои недостатоци, тие лесно можат да ги попримат од тебе, а Господ за тоа ќе бара одговор од тебе.
Правењето добрини е наша обврска (против суетата).
Не треба да преземаш на себе подвизи кои ја надминуваат твојата сила, но ако нешто си одлучил, тогаш тоа треба и да го извршиш без да размислуваш колку би те чинело. Во спротивно, нема да го направиш еднаш, двапати, трипати, и тогаш ќе размислуваш: зошто тоа да го направам кога е потполно залудно (без истрајноста во доброто, невозможно е духовното растење).
Никогаш не се однесувај кон Евангелието како кон книга со сказни. Ако се појават некои важни прашања советувај се со искусни луѓе.
Кон читањето на Евангелието треба да се пристапува со молитвено настоение.
Строго, строго со духовниот пост, односно учи се да владееш со себе, смирувај се, биди кроток.
Постејќи телесно, пости и духовно, не се спротивставувај на никого, а посебно на постарите, и тој пост ќе биде повозвишен од телесниот.
Треба да се сметаш за најлош од сите. Ако сакаш да се разгневиш или нешто друго да направиш, брзо смирувај се. Ние треба да се спасуваме себеси и другите. Биди построг кон себе, а кон другите снисходлив, проучувај ги за кон нив да се однесуваш како што бара ситуацијата, карактерот, расположението, на пример: нервозен човек, необразован, од еден ќе бара мир, а од друг нешто друго, така што тоа ќе биде непромислено, а ние треба строго да стражариме над себе.
Ако се појават маловерни помисли, посебно пред причест, веднаш речи: „Верувам Господи, помогни му на моето неверие“.
Ако бакнуваш икона и во тој момент ти доаѓаат некои помисли (маловерни и сл.), моли се додека не исчезнат.
Биди строг кон нечистите помисли.
Што се однесува до писмената исповед, не е доволно само да ги наброиш сите гревови и крај, ништо не се случило. Потребно е гревовите да ви станат одвратни, сѐ да изгори однатре, во срцето и дури тогаш гревот ќе биде одвратен и ние нема да му се вратиме. – А ако заборавиш? – Ако нешто е болно, тоа не се заборава, ќе внимавам на местото кое ме боли.
Не треба да се осудуваат другите. Ако во туѓа куќа ти понудат да јадеш нешто мрсно во посен ден тоа не треба да се пренабрегнува, ниту да се одбие. Дома тоа може да се надомести со зголемување или на телесниот пост, или што е многу поважно, на духовниот. Односно, да не се раздразнуваме, осудуваме итн.
Во сѐ треба да се постапува размислувајќи како би постапил Господ наш Исус Христос, и со тоа треба да се раководиме во сѐ. Така постепено, сѐ она што е гревовно и не е добро ќе отстапи од нас.
Не давам благослов да зборувате за другите она што може да доведе до ширење на лоши гласини за нив, бидејќи наша обврска е да зборуваме за она што е поучно и корисно.
Живееш повеќе со умот и мислите, а срцето е малку развиено. Треба да го развиваме, ставајќи се во ситуациите на другите.
Кога би било толку лесно да се спасиме, тогаш сите оддамна би биле свети.
Кон оние кои се во наше опкружување треба да се однесуваме со внимание, а не невнимателно. Тогаш Господ гледајќи го нашето внимание и нам ќе ни го даде Своето.
Во црква оддалечувај се од оние кои сакаат да разговараат.
Не смееш, не смееш да се гордееш, бидејќи немаш со што.
Воскреснатиот Господ сака наше воскресение.
Свети Алексеј Мечев