Многу ќе постигнеш и без голем труд и подвиг...
 
 
 
 
 

Многу ќе постигнеш и без голем труд и подвиг... (11.09.2012)

Чедо мое, многу се израдував заради твоето добро здравје и за тоа што на нашите христијански браќа им правиш толку добрини.

И тоа е вистина: колку повеќе човекот се труди да им помогне на другите, толку повеќе во него се умножува Божјата благодат, бидејќи љубовта е првата и најголема Божја заповед.

Љуби Го Господ својот Бог со целата своја душа и со целото свое срце. И другата е слична на неа: Љуби го својот ближен како самиот себеси.

На овие две заповеди се темелат целиот Закон и пророците.

Според тоа, колку што некој копнее за спасението на својот брат, толку неговата душа се исполнува со Божјата љубов. Многу ќе постигнеш и без голем труд и подвиг, бидејќи љубовта опфаќа сѐ.

Љубовта не се гордее, не се превознесува, не го бара своето, не се срди, не мисли зло.

Гледаш ли дека љубовта е сепричесна и дека оној кој ревнува во неа, брзо го води кон бестрастие. Добро рекол најмилиот Господов ученик: Бог е Љубов, и оној кој живее во љубовта, живее и во Бога и Бог е во него.

Гледаш ли, мило мое чедо, дека Господ секогаш е со тебе кога ги исполнуваш Неговите заповеди, додека миомирисниот ангел ги мери твоите чекори и сите твои дела.

Побожно прочитај го Стариот Завет и од него ќе исцрпиш Божествен нектар на вера и љубов. Таму Бог непосредно зборувал со луѓето, а ангелите ги раководеле.

Бог е сеприсутен, и не постои место на кое Го нема Бог.

Колку повеќе гледаш во Него, толку повеќе и Тој ќе гледа во тебе.

Ти прашуваш: „Боже мој, каде си?“ Тој ти одговара: „Овде сум, чедо мое! Секогаш сум покрај тебе!“

И внатре, и надвор, и горе, и долу, каде и да се свртиш, сѐ ќе извика од радост: „Бог!“

Во Него живееме и се движиме.

Бог Го дишиме. Бог Го вкусуваме. На Бога се надеваме.

Сѐ Го опева и благословува Бога.

Целото создание Го повикува.

Сѐ видливо и невидливо чудесно беседи и Го славослови Творецот.

Сѐ што дише нека Го фали Господ!

Во твојот џеб секогаш имај го Светото Писмо. Кога ќе најдеш малку слободно време, прочитај еден дел. Така Христос ќе ти даде Светлина и ќе те раководи според Своите заповеди. Ќе ја исполни твојата љубов и ќе те научи како да Го подражаваш.

Непрестајно повикувај ја Неговата Мајчичка, читај го Нејзиниот Акатист и Таа ќе те покрива, и секогаш ќе те заштитува од секакво зло.

Земи ја книгата „Раскази на еден поклоник“ и подели ја на нашите браќа, кои од неа ќе добијат голема духовна полза.

На градите секогаш нека ти биде икончето со Пресвета Богородица. Поклони Ѝ се пред да седнеш и кога ќе си легнеш.

Колку повеќе Ја љубиш, Таа уште повеќе те љуби. И во секоја прилика, кога ќе Ја повикаш, опипливо ќе ја почувствуваш Нејзината помош и утеха.

Таа секогаш и непрестајно ги застапува сите чеда, кои топло Ја повикуваат.

 

Старец Јосиф Исихаст