„Без Мене не можете ништо да направите“
 
 
 
 
 

„Без Мене не можете ништо да направите“ (12.09.2012)

За да одиме по Христос, како што Тој кажува, треба навистина да ја истрпиме секоја тага и болест, секое можно страдање. Но, како човекот да го избере тоа страдање и таа болест? Никој не може сам да чекори зад Христос, затоа што првиот предуслов е овој: треба својот крст да се земе на плеќи. Но, кој ќе го избере тој страшен пат на Хрисовите страдања? Неопходна е, значи, извесна интуиција, дарувана од горе, која го привлекува човекот кон Христос. Апостолот Павле добро рекол дека христијанинот, ако нема воскресение, ќе биде најнесреќното суштество на земјата. Зборувајќи човечки, никој не би можел да се согласи да тргне по Христос, ако не му било откриено дека Тој е возљубениот Син на Отецот.

Повторно во мислите се враќам на нашиот отец Силуан. Тој пишува дека ние, и тогаш кога не ги сфаќаме Божјите патишта, сепак, Му велиме на Бога: „Нека биде Твојата волја!“ И тогаш кога во нашиот живот на земјата, преполн со страдања, болки, умирања, темнини, ќе се предадеме на Божјата волја, која сѐ уште не ја сфаќаме, тогаш кај нас доаѓа благодатта на Светиот Дух и ние Го доживуваме Бог како Отец, најдраг и наблизок.

Според тоа, во тој миг не е можно логично да се размислува, туку неопходен е опит на самото битие. Ако ние сме создадени според образот и подобието (Божјо), тоа значи дека за нас е подготвено вечното Царство. И христијанинот го поминува својот пат во големо страдање. Така, на земјата, Христос не настојувал со Својата семоќ да ги притиска другите, туку на Себе ја земал нивната немоќ. Христијанството кое ние, православните, го живееме, навистина е постојано страдање. Но, и во тоа страдање неочекувано се покажува златната нишка на најистенчената интуиција за нашата сродност со беспочетниот Бог.

Според тоа, создавањето на човекот сѐ уште не е завршено. Тоа, можеби, се довршува во светиите како што е преподобниот Силуан. Тој вели дека Бог Го доживуваме како Отец, најдраг, најблизок. Тоа е многу тешко да се искаже со човечки зборови. Божјото Битие е бестрасно. И како тогаш нѐ ранува таа „љубовна болест“? Христос рекол: „Нема поголема љубов од оваа, својата душа да ја положиш за своите ближни“, односно за другите луѓе. Тоа е патот на кој човекот може да стане личност, подобна на Личноста на Воплотениот Божји Син. И ние сакаме да ги усвоиме Христовите мисли, на земјата, реакциите кои ги гладаме во Него, целото устројство на Неговите мисли и чувства, но тоа не го можеме затоа што е премногу болно.

Духовното поимање на христијанскиот живот е многу длабока и несфатлива тајна. Суштински зборувајќи, ние таа љубов на Отецот и Синот и Светиот Дух воопшто не можеме интелектуално да ја сфатиме... Човековиот збор, роден во созданието, никогаш не е кадарен вистински да го искаже тоа. Но, кога вистински веруваме во Христос, тогаш во нас се вселува Светиот Дух и некаде во длабочината на најтајната интуиција ни се открива дека Тој е нашиот Бог, дека Тој е нашиот Отец. Ние со зборови не можеме да го искажеме тоа, ние мораме да ја достигнеме таа состојба. И ние ја достигнуваме таа состојба, единствено ако Самиот Бог, непоимливо Големиот, Семоќниот и Смирениот, дојде и се всели во нас. 

Како што кажува нашиот отец Силуан, постои подвижничко смирение: ние живееме и се сметаме за неспособни да живееме според заповедите, и почнуваме да се мрзиме и да велиме: „Најлош сум од сите“. И тоа веќе е смирение. „Но“, вели преподобниот Силуан, „друго е Христовото смирение. Тоа е апсолутно, во него нема споредување, ниту разлики – ништо. Тоа е апсолутното Божјо смирение“. И кога тоа Божјо смирение ќе се допре до нас, таа радост нѐ прави неспособни да го повредиме својот брат и ни дава љубов кон братот кој станува дел од нашиот живот. И се појавува чудно чувство на сладост, која сега е духовна, Божја, затоа што човекот се чувствува себеси за најмал од другите и не се стреми кон власта. Тоа е Божјото смирение за кое преподобниот Силуан вели: „Тоа не се објаснува“, и затоа кога се изразуваме на нашиот човечки јазик тоа станува противречно.

Што треба да правиме во ситуацијата во која се наоѓаме? Треба да продолжиме трпеливо да се учиме од Христовиот живот, во Неговата волја. И тогаш ќе дојде одговорот, не во зборовите, туку во битието, затоа што човекот мора, во Христос, да дојде во состојба кога ќе рече: „Сега сум во Тебе и со Тебе“. И тогаш во нас ќе се исполни предвечната замисла: да станеме подобни на Оној Кој рекол: „Јас Сум суштината“. „Јас сум“, вели (тогаш) и човекот.

Зошто зборуваме за тој живот, кој го надминува оној среден степен на христијанство? Затоа што мораме да знаеме за што сме повикани. Тоа е суштината на монаштвото. Со исполнување на Христовите заповеди, ние се подготвуваме за примање на самата Божја енергија – благодатта. Така Христовите зборови: „Никој не може да дојде кај Мене, ако Отецот не го привлече“, се поврзани со идејата дека Бог ја создал човековата природа како способна за спознание на Бога. И покрај нашата создаденост, таа способност за познание на Бога ја прави Божјата заповед задолжителна, затоа што заповедта и е тоа што одговара на Божјото Битие. И тогаш ние, ако преку нашиот труд живееме според Христовите заповеди, гледаме дека нашиот ум станува способен да ги сфати зборовите на апостолот Павле дека „сме избрани уште пред создавањето на светот“. Христијанскиот живот бара од нас да внимаваме каде престојува нашиот ум. А нашиот ум може многу да се натажи заради она што е пред создавањето на светот (не велам што бил, туку што е), не роден од земја, туку произлезен од Бога.

Старец Софрониј