Како да се спаси душата?
 
 
 
 
 

Како да се спаси душата? (13.09.2012)

Што може да му се одговори на човекот, кој прашува: Како можам да ја спасам својата душа?

Ова: покај се и зацврстувај се во силата на благодатта на Светите Тајни, оди по патот на Божјите заповеди, под раководството кое Светата Црква ти го овозможува со своето од Бога дадено свештенство. Сето ова мора да се прави во духот на искрената вера во која нема сомнеж.

Тогаш што е верата?

Верата е искрено исповедање дека Бог, Кој Го славиме во Троица, Кој создаде сѐ и Кој сѐ ни обезбедува, нѐ спасува нас кои сме паднале, преку силата на смртта на Крстот на Воплотениот Син Божји и благодатта на Светиот Дух во Својата Света Црква. Почетокот на обновата во овој живот ќе се појави во својата слава во векот кој доаѓа, на начин кој умот не може да го разбере, ниту јазикот да го искаже.

О, Боже наш, колку се големи Твоите ветувања!

Како тогаш човекот непоколебливо да оди по патот на заповедите?

На ова не може да се одговори со еден збор, бидејќи животот е сложена работа. Еве што е неопходно:

1.       Покај се и сврти се кон Господ, признај ги сопствените гревови, оплакувај ги и со покајничко срце исповедај ги пред својот духовен отец. Дади завет во своето срце и пред Господовото лице кажи дека повеќе нема да Го навредуваш со своите гревови;

2.       Тогаш, живеејќи во Бога, со умот и срцето, труди се и со телото да ги исполниш должностите и работите, кои ти ги наметнува твојата животна состојба;

3.       Во овој труд, најмногу од сѐ чувај го своето срце од лошите мисли и чувства, од гордоста, суетата, гневот, осудувањето, омразата, зависта, презирот, нерасположението, приврзувањето за предмети и луѓе, расеани мисли, вознемиреност, сите телесни задоволства и сѐ она што ги оттргнува твоите ум и срце од Бога;

4.       Со цел да останеш цврст во овој напор, треба да бидеш решен да не се повлекуваш од она што го препознаваш како корисно, дури и ако тоа може да значи смрт. За да го постигнеш ова, откако претходно така си одлучил, понуди Му го животот на Бога, со цел да не живееш за себе, туку само за Него;

5.       На овој начин, поддршка во животот е смиреното себенудење на Божјата волја, а не надежта во себе; духовната арена во која ваквиот живот се остварува е трпението или непоколебливото стоење на нивоата на искупениот живот, со весело трпење на сите напори и непријатности, кои се поврзани со тоа;

6.       Поддршка во трпението е верата, или увереноста дека, вака работејќи за Бога, ти си Негов слуга, а Тој е твој Господар, Кој ги гледа напорите, им се радува и ги цени; надежта дека Божјата помош, која секогаш те штити, е секогаш спремна, и те чека и ќе слезе на тебе кога ќе имаш потреба, нема да те заборави на крајот од твојот живот, чувајќи те како верен човек на Неговите заповеди, овде меѓу сите искушенија. Ќе те одведе преку смртта кон Своето вечно Царство, љубовта, која дење и ноќе, размислува за љубениот Господ, на секој начин се труди да прави само она што Му е угодно, а го избегнува сето она што би можело да Го навреди, во мислите, зборовите и делата;

7.       Оружјата на ваквиот живот се: молитвата во црквата и домот, особено умната молитва, постот според сопствените сили и каноните на Црквата, вниманието, осаменоста, физичките напори, честото исповедање на гревовите, Светата Причест, Божјиот збор и делата на светите Отци, разговорите со богобојазливите луѓе, честото советување со својот духовен отец за случувањата во внатрешниот и надворешниот живот. Темел на сите напори е мудроста од советите на оние кои се искусни;

8.       Чувај се од стравот, спомувај си за крајот – смртта, Судот, пеколот, вечното Царство. Пред сѐ и над сѐ биди внимателен кон себе: чувај го умот трезвен и срцето невознемирено;

9.       Како конечна цел постави си го одржувањето на духовниот оган, за тој да гори во твоето срце и да ја собира целата твоја сила во едно, па така да почне да го гради внатрешниот човек и конечно да го запали катранот од твоите гревови и страсти.

Уреди го својот живот на овој начин, и со помош на Божјата благодат, ќе бидеш спасен.

 

Свети Теофан Затворник