За дејствата на Светиот Дух. И за тоа што е созерцување на Неговите тајни и како тие се откриваат на оние со чисто срце. (14.09.2012)
1. Браќа, отци и чеда, едно младо момче ми го раскажа ова: „Како послушник на еден чесен отец, рамносилен на големите и возвишени светители, имав можност со воодушевување, често да слушам за небесните просветлувања на подвижниците и за изобилната Светлина преку која Бог беседи со луѓето. И почувствував“, рече, „толкава љубов и желба кон тоа богатство, така што во размислувањето за него заборавав на сѐ земно и небесно, и не само тоа, туку и на храната, и пијалакот, и на телесниот одмор. Бидејќи тој Старец беше голем меѓу светите и украсен со дарот на прозорливоста и затоа што виде како без двоумење го правам само она што тој ми заповеда, и дека ниту јадам, ни пијам, туку и дека сум постојано замислен како да ме јаде некоја мака, почувствува неизмерно сострадање и ми заповеда со закана за епитамија, па на сила почнав да јадам. Зашто се плашев“, рече, „од осудата за непослушание. А колку повеќе храна јадев, во мене сѐ повеќе се разгоруваше копнежот и ми беше неподнослива таа принуда, па леев реки од солзи и често во таква состојба станував од трпезата. Бидејќи, си мислев, неразумен, дека Старецот ми пречи во добрата намера, не знаејќи каква внатрешна болка ме разјадува, а не бев свесен, јас несреќникот, дека тој ги знаеше и тајните помисли на моето срце. А тоа сега ќе го покажам“.
2. „Еден ден дојдовме во градот за да ги посетиме неговите духовни чеда. И бидејќи целиот ден го поминавме со нив (зашто на многу им беше од полза и самата негова појава), ноќта дојдовме во келијата и, затоа што од големиот напор и умор бевме изгладнети и жедни (бидејќи Старецот немаше обичај некаде да преспие, а беше лето и тој веќе ја имаше одминато шеесетата година), седнавме да јадеме. Но јас не јадев, зашто бев телесно изнемоштен, па ми се чинеше дека ако земам храна, воопшто нема да можам да се молам и да го побарам она за што тежнеам. И така размислувајќи“, рече, „седев како да бев надвор од себе“.
3. „А светителот, погледнувајќи ме, откако се сети на напорот низ кој со него поминав и сфаќајќи ја причината поради која трпев глад и жед, бидејќи беше, како што реков, украсен со дарот на прозорливост, кон мене почувствува големо сострадање и ми рече со укор: ‘Јади, чедо, и пиј, и отсега не тагувај. Зашто да не сакаше Бог да те помилува, немаше да благоволи да дојдеш со нас’. И така“, рече, „јадевме и пиевме и повеќе отколку што ни беше потребно. И тој јадеше со мене, снисходејќи на мојата слабост. Бидејќи после тоа стана од трпезата, ми рече: ‘Знај, чедо, дека Бог не се радува и не се објавува ни заради постот, ниту поради бдеењето, ни заради телесниот труд, ниту поради какво и да е друго добро дело, туку само заради смирението, простите и благи души и срца’. И откако го чув тоа и се воодушевив на зборовите и поуката на светителот, уште повеќе духовно се разгорев, и бидејќи низ главата за миг ми пролетаа моите гревови, ме облеаа солзи, па паднав пред нозете на светителот и ги прегрнав. ‘Моли се за мене’, реков, ‘светителу Божји, преку тебе да најдам милост, зашто од сѐ што наброја, ниедно не е својствено за мене, освен многуте гревови, кои и самиот ги знаеш’. Тогаш, сожалувајќи се уште повеќе над мене и солзејќи, светителот ми заповеда да станам од земјата, и ми рече: ‘Се надевам на Бога, Кој изобилно ми ја подари Својата благодат дека и на тебе ќе ти даде двојно повеќе, само заради верата која ја имаш во Него и во моето смирение’. Примајќи ги тие зборови како од Самиот Бог и потсетувајќи се на она што Илија го направи со Елисеј, и верувајќи во тоа, иако јас сум недостоен, дека Господ е човекољубив и брзо ги исполнува молитвите на оние кои имаат страв од Него, веднаш направив метанија и побарав благослов, па отидов во својата келија, добивајќи заповед од него, само да го кажам Трисветото и да легнам да спијам“.
4. „Кога влегов таму каде што имав обичај да се молам и почнав да кажувам ‘Свети Боже’, се сетив на зборовите на светителот, и веднаш ми дојдоа солзи и ме обзема толкава потреба за Бог, што не можам со зборови да ја изразам радоста и задоволството кои тогаш ги почувствував. Веднаш ничкум паднав на земја и, кога ете, видов како умно ме осени изобилна светлина, опфаќајќи ги целиот мој ум и душа, така што се воодушевив од ненадејното чудо и како да се најдов надвор од себе. И не само тоа, туку заборавив и на местото на кое се наоѓам, и кој сум, и каде сум, и како што сфатив само се молев ‘Господи помилуј’, бидејќи отпосле дојдов на себе. А кој беше тој што го движеше мојот јазик, отец, не знам“, рече, „Бог знае. И дали со телото, или надвор од него, општев со таа Светлина, тоа го знае самата Светлина, која ја растеруваше целата магла што се наоѓаше во мојата душа и секое земно умување, истерувајќи ја од мене сета тежина на телото, вдишувајќи ги слабоста и вкочанетоста на моите екстремитети. Бидејќи, о, страшно чудо, таа толку силно го зголеми чувството на слабост во моите членови и жили, кое го добив од силниот напор, така што помислив и ми се причини како да го соблеков фустанот на распадливост. И не само тоа, туку во душата веднаш неискажливо ми се влеа голема радост, умно чувство и блажина која го надминува секој почувствуван вкус, а покрај тоа и слобода и заборав на сите животни помисли, и чудесно ми го подари и објави начинот на заминување од овој живот. Зашто сите мои чувства, и умни и душевни, се беа прилепиле само за неизкажливата радост, која доаѓаше од таа Светлина“.
5. „Но, бидејќи таа изобилна Светлина (затоа што не знам со кое друго соодветено име да ја наречам), која ми се објави, некако тивко се повлече и како да се собра во себе, дојдов при себе, и кога спознав што одеднаш направи нејзината сила во мене, сфаќајќи дека таа се одвои од мене и пак ме остави сам во животот, ме обзема тага и таква тешка мака, што не можам достојно да ја изразам големината на силната болка, која како оган се распали во моето срце. Па ти замисли си, отец“, ми рече, „ако можеш, колкава болка почувствував што се одвоив од неа, замисли ги безмерната љубов и огромниот копнеж, и колку возвишено беше тоа добро. А јас ниту можам со зборови да ја искажам, ни да ја разберам бескајноста на тоа видение“.
6. „Но раскажи ми, најчесен отец и брату“, реков јас, „по ред и појасно за дејствата на тоа што си го видел“. А тој, исполнет со Божјиот Дух и удостоен со созерцувањето, со најкроток и медоточен глас, брзо ми одговори: „Тоа, отец, кога се појавува носи радост, а ранува кога ќе се повлече, па повторно ќе ми се приближи и ќе ме вознесе на небото. Тоа е бисер кој ме облекува во светлина и ми свети како ѕвезда, а никој не може да го смести во себе. Блеска како сонце и јас гледам дека тоа во себе го држи созданието, ми покажува сѐ што е во него, заповедајќи ми да ја чувам мерата. Кровот и ѕидовите ме ограничуваат, а Светлината ми го отвора небото. Своите очи ги подигнувам за сетилно да го видам тамошното, а гледам сѐ како што било претходно. Се воодушевувам на тоа и го слушам гласот кој од височината таинствено ми зборува: ‘Тоа се тајните и предвестуваат дека додека си облечен во плот, нема да видиш совршенство. Туку, сврти се кон себе и гледај да не направиш ништо од она што те оддалечува од овдешните работи. А, и ако згрешиш, тоа ќе ти послужи како потсетување на тоа дека треба да се смируваш, но сепак, немој да отстапуваш од покајнието, бидејќи тоа, соединето со Моето човекољубие, ги брише и претходните, и сегашните гревови’. “
7. Кога го чув тоа од него, отци и браќа, малку ми фалеше да се поместам од умот, и целиот ме обзеде трепет кога помислив на тоа до која висина на созерцувањето и знењето тој успеал само со верата и љубовта кон духовниот отец да се искачи, и какви сѐ добра бил удостоен однапред да види и вкуси, како веќе да ја отфрлил човечката слабост и да станал ангел меѓу луѓето.
8. Затоа ве молам, браќа во Христос, да ги отфрлиме, далеку од себе, секоја поврзаност и секоја грижа за сегашниот живот, да ги замразиме плотските наслади, телесното задоволство, спокојството и безделничењето. И дојдете да ја примиме искрената вера во Бога и во своите, по Божја волја, отци и учители, да стекнеме смирено расудување и смирено срце со покајание, исчистено од секоја лага и дамка на гревот, за и ние еднаш, што побрзо, да се удостоиме да ја достигнеме таа мера и уште тука да ја видиме и вкусиме неискажливо добрата Божја Светлина, ако не совршено, тогаш барем делумно и соодветно на својата чистота, да ја примиме. Бидејќи така ќе се соединиме со Бога и Бог ќе се соедини со нас, и на оние кои ќе ни се приближуваат ќе им бидеме светлина и сол, на нивна голема полза, во Исус Христос нашиот Господ, Кому Му доликува славата во сите векови. Амин!
Свети Симеон Нов Богослов