За нашето воскресение (15.09.2012)
1. Во тагите, страдањата, трпението, верата, скриени се ветувањата и славата, и поседувањето на небесните добра, како што плодот е скриен во фрленото на земјата пченично зрно, или во дрвото кое, кога се калеми, поднесува одредена повреда или понижување. И тогаш се покажува дека облеката има убавина и слава, и многукратен плод, како што вели и апостолот: „Во Божјото Царство треба да влеземе преку многу маки“ (Дела 14, 22). И Господ вели: „Со трпение спасувате си ги душите“ (Лука 21, 19). И повторно: „Во светот ќе имате маки“ (Јован 16, 33). Затоа што потребни се труд, ревност, трезвеност, големо внимание, огненост и истрајност во молитвата, за да можеме да се ослободиме од желбите за земното, да можеме да ги избегнеме замките и мрежите на задоволствата, бурите на светот, налетите на лошите духови, и точно да дознаеме со каква трезвеност и жива вера и љубов, светителите уште овде стекнувале небесни богатства, односно силата на Духот во своите души, која е гаранција за Царството. Бидејќи, блажениот апостол Павле, изразувајќи се за небесното сокровиште, односно за благодатта на Духот, и опишувајќи ги прекумерните маки, и во исто време покажувајќи што секој треба да бара и што да стекне, вели: „Знаеме дека, кога земното живеалиште на нашето тело, кое е како шатор, ќе се разруши, тогаш имаме дом од Бога, неракотворна куќа, вечно живеалиште на небесата (2 Кор. 5, 1).
2. Значи, секој треба да се подвизува и труди со помош на добродетелите да ја достигне таа куќа и да верува дека тоа се прави овде. Зашто, ако се разруши нашата телесна куќа, ние имаме друга куќа, во која би живеела нашата душа. „Да се најдеме облечени, а не голи“ (2 Кор. 5, 3), односно не голи од општењето и заедницата со Светиот Дух, во Кој единствено може да се одмори верната душа. Затоа, оние кои се вистински и силни христијани, цврсто се надеваат и радуваат излегувајќи од телото, бидејќи ја имаат онаа неракотворна куќа, а куќата е силата на Духот, која живее во нив. Ако се разруши куќата на телото, тие не се плашат, бидејќи ја имаат небесната куќа на Духот, и онаа нераспадлива слава, која во Денот на воскресението ќе ја прослави и куќата на телото, како што вели апостолот: „Оној, Кој го воскресна Христос од мртвите, ќе ги оживотвори и нашите смртни тела преку Својот Дух, Кој живее во нас“ (Рим. 8, 11). И: „Исусовиот живот да се открие во нашето смртно тело“ (2 Кор. 4, 11), и: „животот да го проголта смртното“ (2 Кор. 5, 4).
3. Значи, да се подвизуваме со вера и добродетелен живот, овде, за да ја добиеме онаа облека, а не облечени во тело, да се најдеме голи, затоа што тогаш нема да има ништо што во оној Ден би можело да го прослави нашето тело. Бидејќи, секој, колку што со вера и трудољубивост ќе се удостои да стане заедничар со Светиот Дух, толку и неговото тело ќе биде прославено во оној Ден. Она што сега душата го собрала внатре во себе, тогаш ќе се открие и покаже надвор од телото. Како што дрвјата после зимата, кога однатре ќе ги загрее невидливата моќ на сонцето и ветровите, растат и од себе произведуваат како облека – листови, цветови, плодови, така во тоа исто време од пазувите на земјата никнува полското цвеќе, и со нив се покрива и облекува земјата, и полските кринови, за кои Господ рече: „Ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив (Мат. 6, 29).
4. Така за сите богољубиви души, односно за правите христијани, првиот месец Касантик, наречен Април, во кој е Денот на воскресението, во кој со силата на Сонцето на правдата однатре се изнесува славата на Светиот Дух, Кој ги покрива и облекува телата на светите, со онаа слава која ја имале скриено внатре во душите. Зашто, она што душата сега го има во себе, тогаш ќе се манифестира на телото. Овој месец е, велам, прв меѓу месеците во годината. Тој им донесува радост на созданијата. Тој, растопувајќи ја земјата, ги облекува голите дрва. Тој донесува радоста за сите животни. Тој сите ги прави весели. Тој за христијаните е првиот месец Ксантик, односно времето за Воскресение, во кое нивните тела ќе се прослават со неизкажлива светлина, која уште сега е скриена во нив, односно силата на Духот, Кој тогаш, ќе им биде облека, храна, пијалак, веселба, радост, мир, украс, вечен живот. Бидејќи, тогаш за нив, Божјиот Дух, Кој уште сега се удостоиле да Го примат, ќе станат целокупна убавина на Светлината и небесната красота...
5. Блажениот Мојсеј со славата на Духот, која го покривала неговото лице, во кое никој од луѓето не можел да гледа, ни покажал пример како при Воскресението ќе се прослават праведните тела на светите, со онаа слава, со која уште сега се удостојуваат душите на светите и верните и ја имаат внатре во себе, во внатрешниот човек. Бидејќи е речено: „Ние, пак, сите со откриено лице (внатрешниот човек) ја гледаме Господовата слава, се преобразуваме во ист образ, од слава во слава“ (2 Кор. 3, 18). Исто така, за Мојсеј е речено: „Четириесет дена и четириесет ноќи не јадеше леб и не пиеше вода“. Би било невозможно за телесната природа толку да живее без леб, ако не се хранела со духовна храна, а со таа храна, уште сега, душите на светите невидливо се хранат од Духот...
6. Значи, секој од нас треба да се подвизува, да се труди, да ги практикува сите добродетели, да верува и да Го моли Господ, внатрешниот човек уште сега да стане учесник на таа слава, и душата да стане заедничар со Духот, за очистувајќи се себеси од дамките на порокот, и при Воскресението да имаме во што да ги облечеме своите голи тела, за да имаме со што да го покриеме нивниот срам, да имаме со што да го оживотвориме и вечно да го упокоиме во небесното Царство, бидејќи, како што вели Светото Писмо, Христос ќе слезе од небото и ќе ги воскресне сите Адамови племиња, сите одамна упокоени, и ќе ги раздели на два дела, и оние кои го имаат Неговиот знак (печатот на Духот), ќе ги нарече Свои и ќе ги постави десно од Себе. Бидејќи, вели: „Моите овци го слушаат Мојот глас“ и „ги знам Своите и тие Мене Ме познаваат“. И тогаш нивните тела, заради добрите дела, ќе се облечат во Божјата слава, и ќе бидат исполнети со славата на Духот, која уште тука ја имале во душите. И така, прославени со Божјата Светлина и вознесени на небото за средба со Господ, како што е напишано „секогаш со Господ да се биде“,вечно ќе царуваме со Него.
7. А, дали при Воскресението ќе воскреснат сите делови на телото? За Бога сѐ е лесно, така е и ветено. Но, на човечката немоќ и разум, ова им изгледа како невозможно. Зашто, како што Бог, земајќи прав и земја, ја создаде природата на телото како некоја друга природа, неслична на земјата, и создаде многу видови на дополнителни нешта, како што се: косата, кожата, коските и жилите, и како што иглата фрлена во оган, ја менува бојата и се претвора во оган, но природата на железото не се уништува, туку останува, така и при Воскресението, телото ќе воскресне, и, како што е напишано, „ни влакно нема да загине“, и сѐ ќе остане светлозрачно, сѐ ќе се претвори во светлина и оган, но нема да се раствори, како што кажуваат некои дека ќе стане оган за да не остане претходната природа. Бидејќи, Петар останува Петар, и Павле – Павле, и Филип – Филип; секој, исполнувајќи се со Духот, останува во својата сопствена природа и суштина. А ако речеш дека природата се растворила, тогаш повеќе го нема Петар или Павле, туку во сѐ и секаде Господ, и ниту оние кои одат во пеколот ја чувствуваат казната, ниту оние кои одат во Царството ја чувствуваат добронамерноста.
8. Замисли си, градината има разновидни родни дрвја: крушки, јаболка и лозје со плод и лисја. Но, се случува и дрвјата и лисјата во градината да се претворат и променат во друга природа, и сѐ претходно да стане светлозрачно. Така, и луѓето ќе се изменат при Воскресението и сите членови на нивното тело ќе станат свети и светлозрачни. Затоа Божјите луѓе треба да се подготват за борба и подвиг. Како што храброто момче, на ударите кои му се нанесуваат одговара со удари и издржува во борбата, така и христијаните треба да ги поднесуваат маките, и надворешните и внатрешните битки, за поднесувајќи ги ударите, да победуваат со трпение. Каде што е Светиот Дух, таму како сенка има гонење и борба. Гледаш како пророците, иако во нив дејствувал Духот, секогаш биле прогонувани од своите сонародници. Гледаш како Господ, Кој е Патот и Вистината, бил распнат, не од друг народ, туку од Своите, од Своето сопствено Израилево племе бил гонет и распнат. Исто така, и апостолите, бидејќи од времето на Крстот, Духот Утешител дошол и се вселил во христијаните...
9. Како што многу светилници, наполнети со исто масло, не даваат иста светлина, така и даровите според различните добри дела имаат различно светење на благиот Дух. Или, како што во градот во кој живеат многу жители, кои употребуваат еден ист леб и една иста вода, едните се мажи, другите – доенчиња, едните – деца, а другите – старци, и меѓу нив има голема разлика ... така расмислувај дека, и при Воскресението на мртвите, оние кои ќе воскреснат, ќе бидат прославени со различна слава и означени според вредноста на добрите дела, според заедницата со Божјиот Дух, Кој уште тука живеел во нив. Тоа значат апостоловите зборови: „ѕвездите се разликуваат, едни од други, во славата“.
10. Секоја душа, која овде со ревност и вера, според силата и благодатта, се удостоила потполно да се облече во Христос, и која се соединила со небесната Светлина на пречистиот Лик, сега во суштина се поучува во познанието на небесните тајни; а во големиот Ден на воскресението, и нејзиното тело, прославено со тој ист небесен Лик на слава, и, како што е напишано, вознесено е на небото, и удостоено да стане светло тело на Неговата слава, ќе има вечно и наследено Царство со Христос...
11. Боголикиот образ на Духот, Кој уште сега е втиснат во душите на светите, и нивното тело ќе го направи надворешно боголико и небесно, а прекривката на светскиот дух, која ги покрива душите на порочните и грешните, и која со гордоста на страстите го направи – тешко мене! – и самиот ум помрачен и бесрамен, ќе го покаже и телото, однадвор помрачено и исполнето со секој срам.
Свети Макариј Велики