Совети за младите
 
 
 
 
 

Совети за младите (26.09.2012)

Љубени браќа Константин и Јован, се молам за вас од длабочината на својата душа.

Неодамна со голема радост ги добив вашите писма. Ги читав со голема ревност и внимание.

Моја должност е да ви одговорам, а ваше е да се придржувате до тоа.

Мојот одговор истовремено се однесува на двајцата, бидејќи сте љубени, во Господ, браќа и двајцата имате иста потреба од моето духовно раководство. Ваша должност е не само да прашувате, туку и да го исполнувате она што го кажуваат светите Отци.

Точно е дека бев тажен читајќи во вашите писма дека сте биле невнимателни кон вашите обврски и дека сте се потчиниле на многу младешки будалаштини. Исто така, пресреќен сум што дојдовте кај мене за да ве насочам на патот на покајанието, за да добиете милост од нашиот седобар Бог, Кого сериозно сте го натажиле со вашето непристојно однесување.

Не е необично некој да Го повреди Бога и да скршне од патот на Неговите заповеди. На човековата природа ѝ е својствено лесно да се лизне и често да паѓа. Меѓутоа, да се остане во злото е тежок грев и мораме да бидеме многу внимателни, бидејќи тешко на нас ако нѐ затечат непокајани во моментот на напуштањето на овој земен живот.

Меѓу многуте методи кои ѓаволот (непријателот и уништувачот на човековата душа) ги користи е да постави стапица со помош на која ќе може да ги излаже младите луѓе и да ги наведе на потполна пропаст.

Тој прво под маска го преставува злото, за тоа да изгледа добро и симпатично. Тое е мамка за младите луѓе. Ги повикува на слобода, смеа, подбив, дрдорење и на крајот на користење на алкохолни пијалаци.

Ништо од сето ова не изгледа катастрофално и затоа се опишува како слобода. Значи, навикнувањето на лошите работи кај младите ги разгорува страстите, а после тоа почнуваат еднакво да им се потсмеваат и луѓето и демоните.

Стапицата е скриена зад сенката на апстрактните оправдувања, кои придонесуваат гревовите да изгледаат мали. Младите се оправдуваат дека со созревањето сѐ ќе помине, кажуваат дека тоа се работи кои само монасите и испосниците треба да ги избегнуваат.

Кога младите би можеле да знаат кон што водат овие оправдувања и тврдења, би бегале од нив како од змија отровница. Тоа е целта на сатаната, прво во младите да ги втемели сите овие гревови и на тој начин да ги ослабне нивните сетила, да ги поттикне на подбивање, гледање напристојни фотографии и на пијанството, кое ги раѓа сите други страсти.

Ве молам со големо внимание да прашате некој пријател, непристоен и непокајан, потонат во страстите, да ви раскаже како стигнал до таквата состојба на душата. Во одговорот ќе сфатите дека главната причина и почетокот на страстите биле во неодговорноста, невниманието и рамнодушноста кон сѐ од горе кажаното. Исто како што телесните страсти се будат од невнимание кон малите работи, така и во духовниот живот: од детски глупости личноста постепено доаѓа до состојба на непокајание и очај.

Вистина е дека Господ Исус Христос со раширени раце ја пречекува личноста која се кае. Во исто време Тој вели: „Бидете внимателни и молете се, бидејќи не ги знате денот и часот кога ќе дојде Синот Човечки“. Тој со тоа ни кажува секогаш да бидеме подготвени за своите судови и секогаш да го имаме маслото на покајанието, како и секоја друга добродетел, за да не бидеме како неразумните девојки кои го чекале Младоженецот. Навистина, кога постои покајание, и кога младиот човек е чист, кога избегнува лошо друштво и пијанство, малите гревови лесно се бришат. Меѓутоа, кога преку лошите навики телото станува роб на гревот, многу е тешко, и од многуте само мал број успеваат да се извлечат од канџите на лукавиот.

Знаејќи го сето ова, мили мои, од сега па во иднина, заради милиот Бог, не се предавајте на слабостите на вашите сетила, ниту на забавата, ни на подбивите, пијанството, лошото друштво. Од сето ова се губи ставот од Бога и нѐ заробува демонот на самољубието и порочноста. Побргу одберете го животот во Бога, и во сѐ поддржувајте го и следете го примерот на својот духовен отец. Тој е единствениот кој ќе ви го покаже вистинскиот пат кон небесното Царство.

За цврсто да стоите на Божјиот пат, морате:

1.       Да покажете голема послушност, доверба и прифаќање на сѐ што ве учи вашиот духовен отец, секогаш кажувајќи ја вистината;

2.       Потполно да престанете со недолични шеги и дрдорење, бидејќи како што рековме, каде што многу се зборува таму нема став од Бога;

3.       Секоја ноќ имајте одредено време за исполнување на молитвеното правило, кое ви го определил вашиот духовен отец;

4.       Кога сте во црква, сконцентрирајте се само на Светата Литургија, за благодатта на Светиот Дух да влезе во вашето срце.

5.       Постете ги сите пости и не го практикувајте погубниот начин на живот на денешните млади генерации;

6.       Колку што можете избегнувајте го виното и другите алкохолни пијалаци, бидејќи тие ги поттикнуваат телесните страсти;

7.       Во слободно време читајте книги од светите Отци;

8.       Пазете се од некои духовни учители кои, преправајќи се дека ве учат на добродетели и покајание, сакаат да ве одведат далеку од постот и аскетскиот подвиг, читањето на светите Отци, зборувајќи против монашкиот живот;

9.       Имајте голема почит кон Пресвета Богородица, Која секогаш ќе ве раководи на патот кон спасението.

На крајот татковски ве љубам

 

монах Данаил Катунакијски

19 јуни 1902 година, Света Гора