За вистинското смирение
 
 
 
 
 

За вистинското смирение (03.10.2012)

Смирението доаѓа како последица на духовното совршенство. Вистинското смирение има основи во внатрешниот човек. Тоа е одраз на внатрешната благодат во душата, сјајот на нејзините добродетели и нејзините духовни украси. Внатреизлиената благодат го прави ликот на смирениот посветол и помил.

Смирението е вистинската слика на природата и израз на душевното расположение, внатрешно величество на смирениот. Тоа, бидејќи е нелицемерно и природно, едноставно и далеку од претерувањето, има постојан и непроменлив карактер кој никогаш не се менува или преобразува од смирен во несмирен, односно секогаш останува ист.

Смирениот не е лукав, туку искрен и непосреден. Тој оди по патот на добродетелите и прави добра. Однесувањето му е едноставно, поведението благородно, зборовите му се одбрани и зрачи со доверба. Држењето на телото му е долично, достоинствено и ослободено од гордост. Изразот на лицето му е природен и нелицемерен, погледот ведар, постојан и нељубопитен, движењата одмерени и мирни, украсени со мера, одот едноставен и изедначен, облеката уредна и скромна, чиста и едноставна.

Смирениот ги љуби сите и тивко поучува.

Смирениот е миленик на луѓето.

 

Свети Нектариј Егински