На сострадателна молитва за луѓето нè вдахнува љубовта Христова (05.10.2012)
На сострадателна молитва за луѓето нè вдахнува љубовта Христова; во неа заедно учествува и душата и телото. Да се поднесуваат маки за гревовите на братот во таква молитва станува општење во искупителните страдања Господови: “…Христос… пострада за гревовите наши, праведник за неправедните… Тој пострада за нас, оставајќи ни пример, за да одиме по Неговите стапки” (1 Петр. 3, 18; 2, 21). Сораспнувањето со Него е дар од Светиот Дух. На нашиот Отец небесен мило Му е кога жалиме гледајќи го сопнувањето (падот) на нашите браќа. По духот на заповедта: љуби го ближниот свој, како самиот себе – ние треба да сочувствуваме еден со друг; неопходно е да се создаде взаемен залог, кој нè соединува сите нас пред лицето на Бога, нашиот Творец.
Во молитвената мечта на душата за спасение на луѓето се состои живототворната сила и светата радост. Неземниот, богоподобен карактер на христијанскиот живот се состои во тоа што во него се соединети на чуден начин и тагата и радоста, длабочината и височината, минатото и сегашното и идното во многувековната историја на земјата. Како што сонцето ги испраќа своите зраци во сите насоки, исполнувајќи го со топлина и светлина целиот простор кој го опкружува, така и Светлината и топлата љубов Христова ги пробива сите ограничувања, изведувајќи го нашиот дух во безграничноста. Кој поет ќе најде достојни зборови за да изрази благодарно восхитување за дадениот ни живот? Во Него и умирањето се претвора во живот вечен низ воскресението: “…кој ќе ја изгуби душата своја заради Мене, тој ќе ја најде” (Матеј 16, 25). “Вистина ви велам: ако зрното пченично, што паднало на земја, не умре, останува само; а ако умре, ќе донесе многу плод. Кој ја сака душата своја, ќе ја загуби; а кој ја замрази душата своја во овој свет, ќе ја сочува за живот вечен” (Јован 12, 24-25).
Старец Софрониј Сахаров