Љубете се еден со друг и ќе ја видите милоста Господова
 
 
 
 
 

Љубете се еден со друг и ќе ја видите милоста Господова (05.10.2012)

Нема да го сокријам од вас она за што Господ ја дава Својата благодат. Нема многу да пишувам, но ве молам љубете се еден со друг и ќе ја видите милоста Господова. Да го возљубиме братот и Господ ќе нè возљуби нас. Немој да мислиш, душо, дека Господ те љуби ако ти некого гледаш попреку. О, не! Поверојатно е дека те сакаат демоните бидејќи стана нивен слуга. Но не се забавај, покај се и барај од Господа сила да го љубиш братот, и ќе имаш мир во душата.

Со сета сила барајте од Господа смирение и братољубие, оти заради љубовта спрема братот, Господ ја дава Својата благодат за бадијала. Самиот провери: еден ден барај од Бога љубов спрема братот, а друг ден живеј без љубовта, и ќе ја видиш разликата. Духовните плодови на љубовта се јасни: мир и радост во душата, и сите ги чувствуваш како блиски и мили, и ќе пролеваш многу солзи за ближниот и за секое создание.

Често само заради еден љубовен поздрав душата чувствува блага промена. И напротив, заради еден поглед попреку, се губи благодатта и љубовта Божја. Тогаш покај се што побрзо, за да се врати мирот Божји во твојата душа.

Блажена е душата што Го возљуби Господа и од Него се научи на смирение. Господ ја љуби смирената душа што цврсто се надева на Бога. Таа секогаш ја чувствува Неговата милост, така што дури и кога зборува со луѓето, таа е зафатена со Љубениот Господ и заради долговремената борба со демоните, душата го возљуби смирението повеќе од сè и не им дава на демоните да ѝ го одземат братољубието.

Ако го љубиме братот со сета сила, и ако ја смируваме својата душа, победата е наша, бидејќи Господ дава најмногу благодат заради љубовта спрема братот.

 

Свети Силуан Атонски