За благодарењето (14.01.2013)
Дали сте ги чуле зборовите на апостолот со кои им се обраќа на Солуњаните и го потенцира законот за целиот наш живот? Тие им се упатени на оние кои секојдневно се наоѓале во негова близина, иако нивната полза се однесува на целиот човечки род. Секогаш радувајте се. Молете се непрестајно. Благодарете за сѐ, вели тој. Тогаш, што значи, „да се радуваме“, и која е ползата (од радувањето)? Како е можно да се добие непрестајната молитва и на Бога да Му се благодари за сѐ? Сега е неопходно прво да го истакнеме она што ни го наметнуваат противниците кои клеветат дека исполнувањето на озаконетото е невозможно. Зар е добродетел, велат, ден и ноќ да се живее во веселба и радост? Освен тоа, зарем (постојаната радост) е воопшто возможна со оглед на тоа што нѐ опкружуваат илјадници несакани неволји кои во душата нужно предизвикуваат потиштеност? Затоа невозможно е безгранично да се радуваме и веселиме, освен ако не сакаме да кажеме дека оној кого го горат не чувствува болка и дека не се мачи оној кого го прободуваат. Можеби и некој од оние кои нѐ опкружуваат, боледувајќи од истите болести, кажува исти изговори за да ги оправда своите гревови (Пс. 140, 4). И покрај својата негрижа за исполнување на заповедите, тој се обидува да го обвини Законодавецот дека наводно пропишува нешто невозможно. Тој најверојатно вели: „Како е можно да се радувам кога радоста не зависи од мене? Она што предизвикува радост доаѓа однадвор и не се наоѓа во мене, на пример: доаѓањето на пријателот, средбата со родителите после подолго време, наоѓањето пари, честа од луѓето, здравјето после разни болести и останатите животни благосостојби, домот во кој е трајна благосостојбата, богатата трпеза, дружељубивите соучесници во веселбата, звуците и појавите кои предизвикуваат уживање, здравјето на роднините и среќата во сѐ останато во животот (со оглед на тоа што не нѐ нажалуваат само нашите сопствени непријатности, туку и оние кои ги загрижуваат нашите пријатели и роднини). Сето ова (набројано) е неопходно за да се потпреме на душевната радост и веселба. Освен тоа, радоста во душата може да се роди кога ќе видиме пад кај своите непријатели, пропаст на злобникот и награда за доброто дело, со еден збор, кога ни сегашните ни очекуваните маки не го потресуваат нашиот живот. Како ни е, значи, дадено како заповед нешто што своето исполнување го нема во нашата волја, туку претставува последица на нешто друго? Понатаму, како е можно да се молиме непрестајно кога телесните потреби ги привлекуваат кон себе мислите на душата, имајќи предвид дека е невозможно разумот истовремено да се подели на две грижи. Меѓутоа, мене ми е заповедано да Му благодарам на Бога за сѐ. Зар да благодарам кога ме мачат, кога ме исмејуваат, кога ме растргнуваат на тркало, кога ми ги вадат очите? Зарем да благодарам кога нечестивиот ми задава нечесни удари, кога се смрзнувам во зима, кога гладувам, кога сум врзан за дрво, кога неочекувано останувам без деца, па дури и без жена, кога сред бродоломот неочекувано го губам имотот, кога на море ме заробуваат пирати или на копно разбојници, кога сум во рани, кога ме клеветат, кога осиромашувам или кога сум во затвор“. Сѐ од реченово и многу повеќе присвојуваат оние кои го обвинуваат Законодавецот, мислејќи дека своите гревови ги оправдуваат со клеветата дека ни се наредува нешто што е невозможно да се исполни. Значи, што да одговориме? (Ќе одговориме) дека апостолот мисли на нешто друго и дека се обидува нашите души да ги одвои од земјата, вознесувајќи ги до небесниот начин на живот. Меѓутоа, не разбирајќи ја големата замисла на Законодавецот, тие како црви се валкаат по земјата, а нивното тело во телесните страсти, во калта, и не бараат начин да ја исполнат апостолската наредба. Апостолот не го повикува секого на радост, туку само оној кој станал сличен нему, односно кој повеќе не живее во тело, туку Го има Христос во себе; бидејќи се соединува со највозвишеното добро, не дозволува сочувствување со она што го вознемирува телото. Дури и кога телото би било исецкано на делови, тоа би останало во страдалниот дел на телото, а распространувањето на болката не ќе може да се пренесе со умниот дел на душата. Доколку, според апостолскиот совет, ги умртвиме членовите кои се на земјата и доколку со телото ја носиме Христовата смрт, нанесената рана на умртвеното тело, нужно, нема да допре до душата, која е ослободена од врската со него. Освен тоа, несреќите, загубите и смртта на ближниот нема да допрат до умот, ниту возвишеноста на душата ќе се струполи заради сочувствувањето со овдешното. Доколку (луѓето) расудуваат како и ревносните, тие кои подлегале на катастрофата нема да ги нажалуваат другите, со оглед на тоа што и самите без тешкотии го поднесуваат она што им се случува. Доколку, пак, живеат според телото, тие нема до толку да ја чувствуваат болката, колку што ќе се чувствуваат бедни, не толку заради ситуацијата во која се наоѓаат, колку поради тоа што не го избрале она што е потребно. Упростено (кажано), душата која еднаш со копнеж се приврзала за Творецот и која се навикнала да се радува на тамошните убавини, нема да ја загуби својата радост и веселба заради разните промени и телесните страдања. Она што за другите е тажно, неа ја прави уште порадосна. Апостолот, (на пример), бил благодушен во немоќите, неволјите, гонењата и немаштијата. Тој се фалел со својата сиромаштија наоѓајќи се во глад и жед, зима и голотија, гонет и страдлен. Апостолот се радува на она заради што другите тагуваат и се одрекуваат од животот. Оние кои не се научени на апостолките мисли и кои не разбираат дека Павле нѐ повикува на евангелски живот, си дозволуваат да го обвинат дека ни пропишува нешто невозможно. Меѓутоа, тие, нека сфатат колку оправдани причини за достојно радување ни дала големата Божја дарежливост (штедрост). Ние од небитие станавме битие. Создадени сме според Божјиот образ и имаме ум и слово кои ја надополнуваат нашата природа и со кои Го спознаваме Бога. Доколку со нив грижливо ја проучиме убавината на созданието како некоја лекција, ние ќе ја спознаеме големата мудрост и Божјата промисла за сѐ. Ние го разликуваме доброто од злото и самата природа нѐ учи да го одбереме корисното и да го избегнуваме штетното. Бидејќи преку гревот се оддалечивме од Бога, повторно сме повикани на блискост со Него, откако со Крвта на Единородниот сме ослободени од нечесното робување. А што да кажеме за надежта во воскресението, за насладата со ангелските добрини, за небесното Царство и ветеното богатство кое ги надминува силите на разумот и зборовите?
Св. Василиј Велики