На човекот природно му е вроден копнежот кон богопознание (23.01.2013)
Кој дури и малку ја исчистил својата душа, во нејзината природа, во својата чистота, ќе ја здогледа Божјата љубов. Бидејќи тој ќе открие дека во самата суштина и природа на човекот се соединети копнежот и желбата кон доброто и совршеното, дека со самата негова природа е поврзана бестрасната и блажена љубов кон со умот дофатливиот и блажен Образ, чие подобие е човекот.
Од апостолите знаеме дека добродетелта има една граница на совршенството кое нема граница... Добродетелта има една граница на безграничност... Можеби совршенството на човековата природа се содржи во тоа што ние во себе поседуваме нешто прекрасно, за секогаш да можеме да посакуваме да добиеме уште повеќе... Секое застанување на патот на тоа искачување во себе крие опасности, затоа што секое добро се граничи со спротивното... Како што крајот на животот е почеток на смртта, така и застанувањето на патот на добродетелите е почеток на одењето кон порокот.
Стани и пријди, постојано вели Младоженецот. Кај оној кој вистински станал никогаш нема да престане потребата за непрестајно станување, како што и на оној кој брза кон Бога никогаш нема да му недостасуваат патеки за продолжување на напредувањето кон Божјото. Секогаш треба да се станува. Дури и оние кои ѝ се приближуваат на целта не треба да го забавуваат движењето... Затоа Господ рекол: „Кој е жеден нека дојде кај Мене“. Господ не одредил граница ни на жедта, ниту на копнежот по Него. Напротив, неукажувајќи на одреден рок, Тој дава совет постојано да жеднееме и копнееме по Него.
Бог е недостижен. На човекот природно му е вроден копнежот кон богопознанието. Всушност, во него е полнотата на добрата. Со таа противречност се одредува патот. Бог е над познанието, но во сѐ е откриен за познание. Тој е над и надвор од сѐ, над секоја природа... Но, Тој е и Создател, Уметникот на светот, и затоа е видлив и спознатлив во светот кога со посредство на Видливиот во срцето се огласува Премудроста и Словото. Затоа што, врз основа на видливата Премудрост во вселената може во загатка да се спознае и види Оној Кој ја создал и Премудроста.
Бог треба да го видиме во себе, во својата душа, затоа таа треба да е чиста и проѕирна. Душата треба да биде чиста од сѐ „надворешно“, односно од сетилните пристрасности, од мрежата на страстите кои ја браздат нејзината површина и ја оневозможуваат да се огледа. Телото треба да биде во некаков сон и бездејственост... Човекот треба „да излезе од сѐ видливо“, „да застане над сетилниот свет“, за целосно и потполно да стане духовен и вистински да биде изобразен во убавината на Првообразот.
Свети Григориј, епископ Ниски