За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (25.01.2013)

Молитвата е основното средство кое ги соединува сите разумни созданија со нивниот Бог Творец. Во нивниот живот таа треба да биде нивна основна дејност и обврска.

Молитвата е непосредна врска и непрестајно средство за општење на ангелите и луѓето со Бога.

Молитвата е ослободување од нашите минливи окови во бесконечниот простор, таа нѐ води надвор од тажните предели, со кои сме ограничени, и ни дава чувство за безграничност и натприродност.

Исчезнува просторот, местото, начинот, и ние го чувствуваме дејството на Божјите својства. Кога би сакале да ја опишеме природата и суштината на тој натприроден дар, сфаќаме дека тој труд ги надминува нашите сили. Ограничени сме на тоа како во нас дејствуваат нејзините резултати и плодови.

Тој Божји дар е толку величествен, така што и Самиот Дарител прибегнувал кон молитва додека престојувал во нашиот минлив свет. Апостолот Лука вели дека Господ „ја поминувал целата ноќ во молитва кон Бога“.

Понекогаш Неговата молитва била во вид на исповед, а понекогаш како исклучително молење или благодарење кон Создателот на вселената, Отецот; со самото тоа Господ сакал да ни ги покаже неопходноста и значењето на тој најголем дар: „Оче, Ти благодарам, зашто Ме послуша“ (Јован 11, 41), „Свети Оче, запази ги со Твоето име... оние, кои си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не загина, освен погибелниот син... но не се молам само за нив, туку и за оние, кои по нивните зборови ќе поверуваат во Мене“ (Јован 17, 11;12;20).

Најдобриот и најпотресен пример е Гетсиманската молитва во која Тој трипати Го моли Отецот, за потоа врз Себе да го превземе исцелението на целиот свет.

Каде и да го насочиме нашето внимание: од моментот на создавањето и потоа, молитвата е секаде присутна. На тој начин, молитвата е врска и единство на сите созданија со Бог Творецот и нивната проекција во вечноста.

Колку молитвата им е блиска на разумните созданија, може да се види од тоа што таа започнува самата од себе во случаите кога е потребна, а посебно во моментите на опасност, задвижувајќи ги членовите незабележливо и несвесно.

Таа е наjсветиот инструмент кој им дава на созданијата, посебно на човекот, можност за вистинско општење со неговиот Создател. Со нејзина помош човекот може да моли и да го добие она што му е потребно, да влијае за промената на казната, која Божјата правда ја одредила за него, да добие преизобилен благослов, да дознае она што не знае, да го поддржи ближниот молејќи го Бога за тоа, и воопшто, преку молитвата човекот може да стане причесник на многу особености на нашиот Бог и Отец.

Впрочем, невозможно е да се опише резултатот и предноста на оваа добродетел наречена молитва во однос на другите. Пријдете сите, изморени и оптоварени, кои живеете во тоа место на општо прогонство, во прегратката на мајката на сите добродетели – молитвата, и таа ќе ви даде мир и повеќе од тоа што сте очекувале и за што сте молеле.

 

Старец Јосиф Ватопедски