За умносрдечната молитва
 
 
 
 
 

За умносрдечната молитва (26.01.2013)

Преподобниот Григориј Синаитски се сретнал со преподобниот Максим Капсокаливиски и беседел со него, меѓу другото му рекол: „Ќе те прашам, мој чесен оче, кажи ми: ја практикуваш ли ти умната молитва? Тој, наведнувајќи ја својата глава, му одговорил: „Не сакам да ги кријам од тебе, чесен оче, чудата кои Пресвета Богородица, ги направи врз мене. Уште од мојата младост јас имав голема доверба во мојата Господарка Богородица и со солзи Ја молев да ми ја даде благодатта на умносрдечната млитва. Еден ден, како и вообичаено дојдов во храмот, и Ја молев за тоа со безмерна топлина во срцето, и кога потоа со љубов ја целивав Нејзината света икона, одеднаш во моите гради почувствував некој посебен вид на толина, и пламен излегуваше од светата икона, којшто не ме изгори, туку ме ороси со исполнетост и во мојата душа внесе големо умиление. Од тој момент, мој оче, моето срце започна, внатре во себе, да ја кажува молитвата, и мојот ум се насладуваше со сеќавањето на мојот Господ Исус Христос и мојата Пресвета Владичица Богородица, и секогаш живее со тоа; и оттогаш молитвата не престанала во моето срце; прости ми“.

Преп. Григориј прашал: „Кажи ми, свети оче, дали додека ја кажуваш молитвата: Господи Исусе Христе... чувствуваш Божествена промена или грабнување на умот, или каков било друг плод на Светиот Дух?“ Преп. Максим му одговорил: „Да, и заради тоа, оче, одев на пусти места и целосно го засакав безмолвието, за во поглема мера да се насладувам со плодовите на молитвата, односно со преизобилната љубов кон Бога и вознесувањето на умот кон Господа.

Преп. Григориј повторно го прашал: „Оче, кажи ми, го имаш ли ти тоа за што кажуваш?“ Преп. Максим го наведнал погледот и му рекол: „Не прашувај за моите прелести“. Тогаш преп. Григориј му рекол: „О, кога Бог би ми дал да имам таква прелест, каква што имаш ти, свети оче! Впрочем, сакам да те прашам: Во тој момент кога твојот ум е со Бога, што гледа тој со своите очи? И може ли тогаш умот истовремено со срцето да ја твори молитвата?“ Преп. Максим му одговорил: „Не, не може. Затоа што кога благодатта на Светот Дух ќе дојде во човекот со посредство на молитвата, тогаш молитвата престанува, така што тогаш умот целиот е обземен од благодатта на Светиот Дух и повеќе не може да дејствува со своите сопствени сили, туку живее бездејствено и Му се потчинува на Светиот Дух, и каде што сака Светиот Дух, таму и го води, или во несоздадената Божествена Светлина, или во некое друго неискажливо созерцание, или, како што често се случува, во Божји разговор, кратко речено, како што сака Утешителот, Светиот Дух, така ги утешува Своите слуги; каква потреба и да има секој од нив, Тој им ја дава Својата благодат“.

Околу 1330 г. преподобен Григориј Синаитски пристигнал на Света Гора сакајќи да дознае нешто повеќе за умносрдечната молитва и созерцувањето. Меѓутоа, овие две духовни состојби во тоа време биле речиси непознати меѓу Светогорците. Единствениот кој знаел за нив и до совршенство ги практикувал бил преп. Максим Капсокаливиски. По овој разговор со него преп. Григориј повеќе не го сметал за човек, туку за земен ангел.