Христијаните во страдањата нека Го величаат Бога
 
 
 
 
 

Христијаните во страдањата нека Го величаат Бога (29.01.2013)

Бидејќи, пак, Христос пострада со телото за нас, тогаш вооружете се и вие со таа мисла; зашто, кој ќе пострада со телото, престанува да греши, па преостанатото време на животот во телото веќе да не го живее со човечки сластољубија, туку според Божјата волја.

Зашто доволно е што минатото време на животот го поминавте според волјата на незнабошците, живеејќи во нечистотија, во сластољубие, во пијанство, во прејадување, во препивање и во нечестиво идолопоклонство.

Затоа тие и се чудат што не се дружите со нив во тој ист неуреден живот, и хулат против вас.

Но тие ќе одговараат пред Оној Кој е подготвен да им суди на живите и на мртвите.

Затоа што и на мртвите им беше проповедано Евангелието да примат суд како луѓе по тело, а да живеат со духот според Бога.

Но близу е крајот на сѐ. Па бидете мудри и силни во молитвите.

А пред сѐ, имајте постојана љубов меѓу себе; зашто љубовта покрива многу гревови.

Бидете гостољубиви еден спрема друг без негодување.

Служете си еден на друг, секој со дарот што го примил, како добри распоредници на разнообразната Божја благодат.

Ако некој говори, нека знае дека зборува Божји зборови; ако некој служи, нека служи според силата, која Бог ја дава, па во сѐ да се прослави Бог преку Исус Христос, Чија слава и владеење се вечни.

Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа поради испитуавњето, како нешто ново да ви се случува; но колку што учествувате во Христовите страдања, радувајте се, па кога ќе се јави Неговата слава да се возрадувате и развеселите.

А ако ве укоруваат за Христовото име, блазе вам, бидејќи Духот на славата, Божјиот Дух почива на вас: значи тие, на Него хулат, а вие Го прославувате.

Никој, пак, од вас да не страда како убиец, или крадец, или злочинец, ниту како оној кој се меша во туѓи работи; но ако страда како христијанин, да не се срами, туку да Го прославува Бога за таквото учество.

Зашто време е да почне судот од Божјиот дом; а ако почне најнапред од нас, тогаш каков ли ќе им биде крајот на оние, кои не му се покоруваат на Божјото Евангелие?

И кога праведникот одвај се спасува, тогаш безбожникот и грешникот што ќе прават?

И така, оние кои страдаат според Божјата волја, нека Му ги предадат Нему, како на верен Создател, своите души, правејќи добро.

 

(1 Петар 4)