Хулењето против Светиот Дух „нема да се прости ни во овој, ни на оној свет“
 
 
 
 
 

Хулењето против Светиот Дух „нема да се прости ни во овој, ни на оној свет“ (31.01.2013)

Светото Писмо ни објавува дека Христос е во неискажливо единство на двете природи, Тој е Бог и Човек бидејќи Словото стана тело (Јован 1, 14). И Самиот Христос ѝ рекол на Самарјанката: „Бог е Дух“ (Јован 4, 24). А Јудејците, кои отсекогаш Го нажалувале Бога, во однос на Христос паднале во неразумна хула.

Едни, соблазнувајќи се од Неговото тело, со тоа што Тој е Син Човечки, Го сметале за пророк, а не Божји Син, и го укорувале затоа што јадел и пиел (Матеј 11, 19). А ним Тој им дарувал простување; бидејќи тогаш само што ја започнал проповедта, и за светот било невозможно да поверува во Бог, Кој станал човек. Затоа Христос и вели: „И, ако некој каже збор против Синот Човечки“, односно, против Неговото тело, „ќе му се прости“ (Матеј 12, 32).

Затоа што, се осмелувам да кажам, дека дури ни Неговите ученици Го немале целосно сфатено Неговото Божество додека на нив не слегол Светиот Дух на Педесетница; дури после Воскресението, откако Го виделе, едни „Му се поклонија, а некои се посомневаа“ (Матеј 28, 17), меѓутоа, не биле осудени заради тоа.

Но, на оној кој хули против Светиот Дух, односно, на Христовото Божество, и вели дека „Со помош на Велзевул, кнезот на бесовите ги протерува демоните“ (Лука 11, 15), нема да му се прости ни во овој век, ниту во идниот.

Треба да се знае, дека Христос не рекол: „Не му се простува на оној кој хулел и се покајал“, „кој хули“, односно, кој живее во хулата. Затоа што вистинското покајание ги разрешува гревовите.

Понекогаш на грешникот, по Божја Промисла, му се допуштени несреќи, неволји, болести, зашто преку тоа, Бог на непознат начин го чисти, и ако оној кој е искушуван благодари, заради таа благодарност ќе прими награда. Ако не благодари, ќе биде осуден и за оние гревови, за кои претрпел казна, и покрај тоа, ќе биде подложен на одговорност за неблагодарност.

Затоа, кој греши во нешто пред луѓето, тој има многу шанси да добие простување, бидејќи кој греши на еден и прави добро на друг, тој се оправдува со самата природа против која грешел.

Но хулењето против Духот е неверие, и нема друга можност за добивање прошка, како кај верните; и гревот на безбожништвото и неверието не се оправдува ни овде, ни во идниот век.

 

Свети Атанасиј Велики, архиепископ Александриски