Преподобен Макариј Велики (02.02.2013)
Ако ни се чини дека е неостварливо и невозможно да се одбијат многуте гревови, кои одлучно завладеале со нас (а таквата мисла е од лукавиот и служи како пречка за нашето спасение), тогаш да се потсетиме и да не го занемариме фактот дека Господ, доаѓајќи помеѓу нас заради Својата добрина, им подарил вид на слепите, исцелувал фатени, лечел секаква болест, воскреснувал мртви кои веќе почнувале да мирисаат и да се распаѓаат, им давал слух на глувите, од еден човек истерал легион од демони и на оној кој бил опседнат му го вратил разумот. Значи Тој, доколку претходно душата која Му се обраќа и бара од Него милост, на која ѝ е потребна Неговата помош, и ќе ја обрати, и ќе ја приведе во целомудреното бестрастие, и ќе ја одведе до секоја добродетел, и до обновување на умот; ќе ѝ подари здравје, просветленост на мислите, мир во нив, и од слепилото, глувоста и мртвилото на неверието и отсуството на стравот од Бога, ќе ја доведе до целомудреноста на добродетелите и ќе ѝ даде чисто срце. Оној Кој ги создал телото и душата; и како што, престојувајќи на земјата, според Својата добрина на сите кои Му пристапиле и од Него побарале помош и исцеление, како добар и единствен Лекар изобилно им го подарил она што е потребно, така ќе постапи и со духовното.
Тој со посредство на сето тоа нѐ убедува непоколебливо, непрестано и неуморно да го бараме Неговото благодатно застапништво, бидејќи Тој дошол заради гршниците, за да се обрнат кон Него и за да ги исцели оние кои веруваат во Него. Нам ни е потребно само, колку што имаме сили, да се оддалечуваме од злите убедувања, да ги замразиме своите лоши дела и световните измами, да се одвратиме од лошите и безвредни помисли и секогаш, колку што можеме, да се приврземе за Него. Тој е подготвен да ни помогне, затоа што е многу милосрден и дава живот, зашто лечи од неизлечивите страсти и ги избавува оние кои Го повикуваат и Му се обраќаат, оние кои по сопствена волја и без принуда, според своите сили се оддалечуваат од секоја световна љубов, го одвојуваат умот од земјата и кон Него ги насочуваат своите желби и молби. Достојна за Неговата помош е онаа душа која сѐ смета за излишно, која ништо на светот не ја прави спокојна и заради својот мир копнее само кон едно, односно, да се одмори и да се израдува на Неговата добрина. И затоа, кога заради таквата вера ќе ги прими небесните дарови – со благодатта да ги смири своите желби, на доличен и подобен начин да Му послужи на Светиот Дух секој ден напредувајќи во доброто, неоддалечувајќи се од патот на правдата и до крај да биде ненаклонета на порокот, нездружувајќи се со него и со ништо ненажалувајќи ја благодатта – таа станува удостоена со вечното спасение на сите светии, кои ги подражавала живеејќи во светот како нивна сопричесничка и сопатничка. Амин.
Преподобен Макариј Велики