За Црквата (03.02.2013)
Светата Црква е, како што веќе е кажано, пред сѐ знак и Божја икона. Бидејќи како што Бог според Своите сили и мудрост остварува неконфузно единство на различните суштини на сѐ што постои, и како што Создателот, истите ги поврзува со Себе на најблизок начин, така и Црквата, преку единствената благодат и повикот на вера, еднообразно меѓусебно ги поврзува верните; така што ревносните и добродетелните (луѓе) ги поврзува со единство и наполно еднаква волја, а созерцателните и оние кои го достигнале познанието на она што е кажано погоре, дури и со неразрушливо и неразделно едномислие.
Потоа, црквата е слика на духовниот и сетилниот свет, затоа што како симбол на духовниот свет има олтар, а на сетилниот храм (наос). Понатаму, таа го изобразува човекот, така што олтарот ја претставува душата, а наосот телото. Но црквата, исто така, е образ и слика на самата душа, затоа што олтарот ја претставува славата на нејзините созерцателни способности, а наосот украсувањето на активните (дејствени) способности.
Влегувањето на народот со ерархот во црквата го означува враќањето на неверникот од незнаењето и заблудата во познание на Бога, како и премин на верникот од порокот и незнаењето кон добродетелите и знаењето. Зашто влегувањето во црквата (Црквата) го покажува не само враќањето на неверните кон вистинскиот Бог, туку ни укажува и на сите нас верните, кои ги отфрламе Господовите заповеди со својата распуштеност и неуреден живот, на исправањето преку патот на покајанието. Затоа што секој човек: дали убиец, или прељубник, или клеветник, злопамтив, или оној кој лесно паѓа во гнев, или пијаница, или просто речено, да не ги набројуваме сите видови на зла и да ја оддолжиме беседата, секој оној кој е обземен од кој било порок, штом доброволно и свесно ќе престане да му се предава, и ќе го промени својот живот на подобро, прифаќајќи добродетел наместо порокот, таквиот треба вистински да се нарекува и смета за оној кој со Христос како Бог и Архиереј влегува во добродетелта, под која симболички се подразбира Црквата.
Свети Максим Исповедник