Како да ја кажувате молитвата
 
 
 
 
 

Како да ја кажувате молитвата (06.02.2013)

Значи, бидејќи имате духовник, нема потреба да ве исповедам. Јас ќе ви кажам како да ја кажувате молитвата. Христијанинот со крштението во себе ја прима благодатта, Го прима Христос. Меѓутоа, кога ќе згреши, тој ја брка благодатта. Гревот, како ѕид нѐ одвојува од Христос. Викаш: „Господи Исусе Христе...“, а вратата е затворена. Со покајанието и исповедта гревот паѓа; ѕидот паѓа. Човекот повторно се смирува со Бога.

- О, Старче, добра е исповедта, но светот не ни дозволува да се спасиме. Си заминуваш од исповед, пак го гледаш истото, истото го слушаш, се гневиш, завидуваш, осудуваш...

- Не зборуваш правилно. Христос рекол: „Ако окото те соблазнува, извади го“. Не рекол да му го извадиш окото на другиот. Ако видиш некоја жена непристојно облечена: таа нека си ја гледа својата работа, а ти твојата. Да го извадиш окото, значи да го спуштиш погледот, да не бидеш љубопитен. Ако си толку слаб и не можеш да го направиш тоа, тогаш не ги осудувај другите. Речи си: „Тешко тебе јаднику, сластољубивецу, блуднику. Значи гревот ти се допаѓа“.

Тоа е една вежба. Гледаш ли колку здрав разум имаш во себе. Совршениот човек гледа и не се соблазнува, подвижникот, колку што може, ги избегнува поводите. Слабиот сам влегува во домот на гревот и после... другите ги обвинува. Оправдувања... како кај Ева.

- Старче, со помош на Божјата благодат, се трудиме до некаде, избегнуваме колку што можеме, но невозможно е да не се извалкаш во општеството.

- Ах, кога живеете давајќи си поводи следува кажаното. Токму затоа ние и го напуштивме светот. Можам да ви кажам дека со благодатта на нашиот Господ Исус Христос и во светот духовно опстојував. Меѓутоа, тихувањето има поинаква привлечност.

Кога се молам ми се појавуваат сите слики од тековниот ден и во умот ми се прикажуваат како филм. Ако си чул безобразен и поган разговор, ако очите нешто виделе итн., тогаш сето тоа доаѓа и стои како пречка во молитвата. Но токму тоа е и причината плус која ве присилува непрестајно да ја кажувате молитвата во светот.

Се сеќавам дека често имав големи искушенија во светот. Дури лукавиот и ми носеше зли жени за да ме предизвикаат на грев. Но ме сочува оваа кратка молитва: Господи Исусе Христе, помилуј ме. Ако имаш потреба можеш да го изговараш и името на Пресвета Богородица, со сета душа: Пресвета Богородице, спаси ме. Понекогаш чувствуваш потреба да додадеш и свои зборови: „Господе мој, Богомајко, побрзајте, помогнете, во опасност сум“, итн.

Од моето мало исуство во светот видов дека ова „мало“ оружје, молитвата, штити од секое зло. Лошите луѓе нѐ вежбаат. Не туркаат поблиску кон нашиот Господ.

 

Старец Харалампиј Дионисијатски