Како доаѓа Божјата благодат?
 
 
 
 
 

Како доаѓа Божјата благодат? (08.02.2013)

Божјата благодат наликува на пчела која ги посетува човечките души. Пчелата се приближува до цветот, неговиот врв, за да собере нектар, цветен сок и поленов прав, и така да создаде пита од којашто во млазеви ќе истекува мед. Односно, собирајќи го поленовиот прав, таа ги пренесува и честичките коишто се прилепиле на нејзните нозе и на толчниците на другите цветови, правејќи опрашување. Кога тие честички ќе паднат на цветот, предизвикуваат оплодување, ливчињата паѓаат и постепено се појавува плод.

Божјата благодат ги посетува душите на луѓето и, кога ќе ги најде подготвени и исчистени, таму попрскува со капки роса од Светиот Дух. Тогаш душата почнува постепено да ги затвoра своите ливчиња, ограничувајќи ги своите чувства, за умот да не се расејува по разните страсти и да не лебди меѓу најразличните помисли. Оттаму доаѓа духовното созревање на душата и таа принесува сочни и благоухани плодови на добродетелите.

Пчелата не слетува на сите цветови, туку само на оние од коишто може да собере нектар. А мувите, комарците и другите штетници не се заинтересирани за цвеќињата, туку слетуваат таму каде што е влакано и нечисто.

За Божјата благодат да се насели внатре во нас, неопходно е да ѝ подготвиме чиста постела. Но ако домаќинката не може да постеле чисти чаршави за својот гостин, во домот полн со кал, прашина и пајажина, тогаш и Божјата благодат не може да преноќи во нашите души, ако таму не биде чисто. Божјата благодат сака да ја види нашата душа чиста и ослободена од страсните помисли, грижи и задоволства. Нејзе ѝ се потребни чисти чаршави за да се покрие. Кои се тие чаршави? Сјајните одежди на добродетелите, коишто ја украсуваат душата.

Ако во нас го нема сето тоа, Божјата благодат, ќе дојде и ќе нѐ посети, но нема да се задржи подолго. Бидејќи Светиот Дух е возвишен, голем и искрен, Тој не може да живее среде злите страсти. И така, благодатта не се задржува или се задржува сосем кратко за да нѐ утеши и да ни даде сила, а потоа повторно се оддалечува, затоа што со нашето однесување ние Го навредуваме Светиот Дух. Ете зошто апостолот Павле рекол: „Не Го нажалувајте Светиот Дух Божји“ и „Не гаснете Го Духот“.

Божјата благодат не се задржува уште и затоа што ние кон неа се однесуваме рамнодушно, ладно и незаинтересирано. Ние не ја пуштаме внатре во себе, ги затварoме дверите на своите души, за да си отиде повредена. Божјата благодат не ја присилува нашата волја. Таа промислено чука на дверите на нашата душа, за да влезе и да се подвизува заедно со нас: „Еве стојам пред вратата и чукам (Откр. 3, 20). Зашто кој ќе го чуе мојот глас и ќе ги отвори дверите на своето срце, јас ќе влезам во него, ќе остварам блиско пријателство и ќе јадам со него, ќе се веселам и радувам за неговото спасение. И тој заедно со мене ќе ја вкуси радоста и среќата на блажениот живот“.

Светиот Дух, исто така, го дава и следниов совет: „Доколку твојата сегашната духовна состојба е бедна, несреќна и гола, ти советувам од мене да купиш чисто злато, исчистено во оган, кое ќе те збогати со добродетели и добри дела. Облечи се во сјајни одежди, односно спечали си светост и чистота во својот живот, за твојата духовна голотија да не биде јавна. Помазај ги очите на твојата душа со опивка за да се здобијат со Божествено просветлување, со помош на кое ти ќе можеш да ја спознаеш својата духовна состојба“.

Колку великолепно слово! Полно со љубов, потресно и трезвено за душата, за да стане чиста и во неа да се зголеми љубовта кон Бог Отецот, и таа вечно да се радува.

 

Старец Маркел Каракалски (†2006)

 

(духовно чедо на Старец Јосиф Исихастот;

раскажува за духовниот опит на Старецот)