Во молитвата не ги обвинувајте своите непријатели
 
 
 
 
 

Во молитвата не ги обвинувајте своите непријатели (09.02.2013)

Да се замислиме, Кому Му пристапуваме и зошто? На Бога, од Кого серафимите при созерцувањето ги кријат своите лица, зашто немаат сили да ја поднесат светлината од лицето на Оној од Кого трепери земјата. Му приоѓаме на Бога, Кој живее во непристапната Светлина; и пристапуваме за Тој да нѐ избави од пеколот, да ни ги прости гревовите, да нѐ ослободи од неподносливите казни, и да ни подари небо и небесни добра.

Затоа, да припаднеме кон Него и со телото и со мислите, за да нѐ подигне; да беседиме со Него со кроткост и со смирение. Но, ќе речеш, кој од луѓето е толку несреќен и ништожен, па да не биде кроток ни за време на молитвата? Оној кој во молитвата колне, исполнет со гнев, и писка против своите непријатели. Ако ти сакаш да обвинуваш, обвини се самиот себе. Ако сакаш твојот јазик да биде лош, остри го против своите гревови. Не зборувај за тоа, какво зло ти направиле другите, туку какво зло самиот си направил врз себе; бидејќи тоа и е најголемото зло. Не може другите тебе да те навредиле, ако ти самиот не се навредиш. И така, ако сакаш да застанеш против оние кои тебе те навредуваат, застани против самиот себе – во ова никој нема да ти пречи; а ако застанеш против другиот, ќе се најдеш во голема беда. Но праведно зборувајќи: како ја замислуваш навредата? Дали е тоа она што некој те нажалил, украл од тебе, те изложил на опасност? Но тоа не значи да бидеш навреден; напротив, ако ние сме внимателни, таквите навреди дури и ќе ни донесат преголема полза. Овде е оштетен оној, кој го направил таквото зло, а не оној, кој го претрпел. И токму во ова се содржи главната причина за сите зла, што ние не го знаеме ни тоа, кој претрпува, а кој нанесува штета. Кога ова добро би го знаеле, ние никогаш не би се почувствувале навредени, ниту би се жалеле во своите молитви од другите, знаејќи дека другите не можат да ни нанесат зло. Злото не е да бидеш лишен, туку ти да одземеш од некого. Па затоа, ако ти нешто си одземал, осудувај се самиот себе; ако, пак, тебе ти одзеле, моли се за оној кој ти зел, зашто тој ни направил големо добро. Иако неговата намера не била таква, ти ќе спечалиш преголема полза, ако великодушно ја поднесеш навредата. Тој ќе биде обвинет според Божјите и човечките закони, а тебе, навредениот, ќе те овенчаат и прославуваат. Ако човекот кој страда од треска земе од некого сад за вода и со него ја изгаси жедта, ние ќе го наречеме оштетен, не оној од кого е земен садот, туку оној кој го зел, затоа што со тоа тој си ја зголемил темературата и си ја влошил состојбата. Така мисли и за љубителот на имотот, и за среброљубецот: ете, и тој, во страсниот оган за имотот, кој е појак и од треската, со присвојувањето уште повеќе го зголемил пламенот. Така исто, ако некој во лудило земе меч од друг, па самиот се заколе, кој тогаш ќе претрпи зло: оној кој зел? Очигледно оној кој присвоил. Така ние треба да судиме и за одземањето на имотот. Навистина, за среброљубецот богатството е исто што и за лудиот мечот, па дури и многу поштетно. Безумникот, доаѓајќи до меч и нанесувајќи си смртен удар, се ослободува од безумието и не прима друг удар; а среброљубецот секој ден добива безброј ужасни рани. Тој не се ослободува од своето лудило, туку уште повеќе го зголемува; и како што добива повеќе рани, со тоа уште повеќе ги предизвикува другите, уште полути рани. Размислувајќи за ова треба да го избегнуваме лудилото – и макар и подоцна, да се научиме на воздржувањето.  

Свети Јован Златоуст