За покајанието (10.02.2013)
Како благодат над благодатите после крштението на луѓето им е дадено покајанието, зашто покајанието е второ раѓање од Бога. Овој дар, чиј залог го примивме со вера, го примаме со покајанието. Покајанието е врата на милоста која им се отвара на оние кои упорно ја бараат, преку таа врата влегуваме во Божјата милост; без тоа влегување, нема да добиеме милост зашто, според зборовите во Светото Писмо, сите згрешија... а ќе се оправдаат преку дарот, Неговата благодат. Покајанието е втора благодат и се раѓа во срцето како резултат на верата и стравот (од Бога); стравот е татковско железо што нѐ управува додека не го достигнеме духовниот рај на добрата, а кога ќе го достигнеме, тој тогаш нѐ напушта и се враќа назад.
Рајот е Божја љубов, во која е наследувањето на сите блаженства, каде што блажениот Павле се нахранил со натприродна храна и, штом таму вкусил од дрвото на животот, извикал од радост, велејќи: „Што око не виде и уво не чу и во срцето на човекот не дојде, тоа Бог го подготви за оние кои Го љубат“. Од ова дрво Адам бил одвоен после ѓаволскиот предлог. Дрвото на животот е Божјата љубов од која Адам отпаднал; и оттогаш него повеќе не го сретнала радоста, туку работел и се трудел на трнливата земја. Лишени од Божјата љубов, макар и повредени, го јадат тој ист леб на потта во своите дела, каков што било заповедано да јаде првосоздадениот после неговото отпаѓање (од Божјата љубов). Додека не ја добиеме љубовта, ние работиме на трнливата земја и дури и нашето сеење да биде сеење на правдата, сепак, ние и сееме и жнееме меѓу трње, и тоа секој час нѐ повредува; што и да правиме заради своето оправдување (и колку праведни дела да направиме), живееме во потта на нашите лица. А кога ќе се здобиеме со љубовта, тогаш ќе почнеме да се храниме со небесниот леб и без работа и труд ќе јакнеме во силата. Небесниот леб е Христос Кој слегува од небото и му дава живот на светот, а тоа е ангелска храна. Кој се здобил со љубов, тој секој ден и час вкусува од Христос и со тоа станува бесмртен, зашто речено е: „А кој јаде од овој леб, кој Јас ќе му го дадам, никогаш нема да ја види смртта“. Блажен е оној кој ќе вкуси од лебот на љубовта – Исус. А дека оние кои ја вкусуваат љубовта Го вкусуваат Господ Христос, Кој е над сите, сведочи и Јован, велејќи: „Бог е Љубов“. Според тоа, оној кој живее во љубовта жнее живот од Бога уште во овој свет, вдишувајќи го воздухот на воскресението. Со тој воздух ќе се насладуваат праведниците после Воскресението. Љубовта е царство; за неа Господ тајно им ветил на апостолите дека ќе ја вкусат во Неговото Царство. Речено е: „За да јадете и пиете од Мојата трпеза во Моето Царство“; а што друго може тоа да означува ако не љубов? Љубовта е доволна да го нахрани човекот наместо јадењето и питието. „Ете го виното кое се всели во човекот!“ Блажен е оној кој ќе се напие од тоа вино! Него го испиле невоздржливите и се засрамиле; го испиле грешниците и заборавиле на патиштата кои ги препнувале; го испиле и пијаниците и станале испосници; го испиле и богатите и посакале сиромаштво; го испиле и бедните и се збогатиле со надеж, го испиле и болните и станале силни, го испиле и неуките и станале мудри.
Како што големото море не може да се преплови без чун и брод, така никој без стравот не може да ја достигне љубовта. Смрдливо е морето меѓу нас и во рајот може да се отплови единствено со чунот на покајанието, чиј веслач е стравот. Но, ако овој веслач не управува со чунот на покајанието, со помош на кој по морето на овој свет одиме кон Бога, ќе потонеме во тоа замирисано море. Покајанието е чунот, а стравот негов кормилар, додека Божјата љубов пристаништето. Затоа, стравот нѐ внесува во чунот на покајанието, со кој пловиме по морето на овој живот, и нѐ упатува кон Божјото пристаниште на љубовта. Во ова пристаниште пристигнуваат сите кои се трудат и кои го носат бремето на покајанието. А кога ќе ја достигнеме љубовта, тогаш сме Го достигнале Бога, нашиот пат е завршен и сме дошле на островот на одандестраниот мир, кеде што се Отецот, Синот и Светиот Дух. Нему, слава и моќ! Со помош на стравот нека нѐ направи достојни за Неговата слава и љубов! Амин.
Преподобен Исаак Сирин