За борбата со осумте главни страсти (општо)
 
 
 
 
 

За борбата со осумте главни страсти (општо) (11.02.2013)

Знај дека постојат осум помисли од кои доаѓа сѐ она што е лошо: стомакоугодувањето, блудот, среброљубието, гневот, тагата, унинието, суетата и гордоста. Тие водат борба со секој човек.

Ти, пак, ако сакаш да го победиш стомакоугодувањето, засакај го воздржувањето и спечали страв од Бога. Така ќе победиш.

Ако сакаш да го победиш блудот, засакај ги бдеењето и жедта, секогаш мисли на смртта и никогаш не разговарај со жени. Така ќе го победиш.

Ако сакаш да го победиш среброљубието, засакај го неприсвојувањето и нерасфрлувањето.

Ако сакаш да го победиш гневот, спечали кроткост и великодушност. Спомни си колку зла Му направиле Евреите на нашиот Господ Исус Христос. Па сепак, Тој, како човекољубив Бог, не се гневел на нив, туку напротив, се молел за нив, велејќи: „Оче, прости им го овој грев, бидејќи не знаат што прават“.

Ако сакаш да ја потчиниш тагата, никогаш не жали заради нешто минливо. Ако раните те печат, или те вознемируваат, или те срамат, немој да се жалиш, туку напротив, радувај се. Тагувај само тогаш кога ќе згрешиш. Но сепак, и во тој случај постави си граница за да не паднеш во очај и да загинеш.

Ако сакаш да го победиш унинието, практикувај, иако на кратко, некое ракоделие, или читај, или често моли се.

Ако сакаш да ја победиш суетата, немој да ги сакаш пофалбите, ниту почестите, ни убавата облека, ни првите места. Напротив, засакај ги укорите и срамот, и лажното обвинување. И сметај се самиот себеси за погрешен од сите.

Ако сакаш да ја победиш гордоста, немој да зборуваш дека она што го правиш е дело на твоите сопствени трудови и сили. Ако постиш, или го поминуваш времето во бдеење, или спиеш на гола земја, или пееш псалми, или правиш многу поклони, кажувај дека сето тоа го правиш со Божја помош и со Божјо покровителство, а не со твоите сили и твојот стремеж.

Преподобен Ефрем Сирин