Совет за сите христијани во овие тешки денови (за непрестајната умносрдечна молитва)
 
 
 
 
 

Совет за сите христијани во овие тешки денови (за непрестајната умносрдечна молитва) (14.02.2013)

Мојот совет се однесува на ова: човекот од време на време треба да избега, да се оддалечи од она што е поврзано со телесните потреби, така што на тој начин ќе се врати на духовната состојба, сретнувајќи се со Бога, Којшто се наоѓа внатре во нашето срце – однадвор да влезе во Неговиот брачен дворец. Потоа, да ги практикува вечерните, ноќни молитви, коишто човекот ги кажува сам; бидејќи тој не може да ги кажува јавно (на улица), ги изговара тајно.

Бегањето од световното е свест за минимизирање на своите физички, природни потреби, нужни за битисувањето – воздржување, пост, а не задоволства, не трпези, прослави и други работи, туку едноставен и скромен живот, во сиромаштија, со смирение. Сведување на сѐ, на неопходното ниво, колку за задоволување на основите потреби. Да се обидеме работите да ги ползуваме за најнеопходното, а не за задоволства и забави. Зашто храната и облеката јас ги користам заради своето тело, да се заштитам од непогоди и да ја покријам голотијата, а не  носам раскошна свила и скапоцени камења, за да ја тешам мојата суета и гордост; истото важи и за храната, по истите прашања. Надворешните нешта треба да ги користам за основни работи и духовна полза...

Отците велат дека умот е така создаден за да се движи ваму-таму. Еден од проблемите на умот се содржи во тоа што тој се расејува кога нема што да прави. Велат: дај му работа на умот; зашто кога тој е зафатен, тогаш љубопитноста нема да го обземе, на пример, нема да го наведе кон телевизорот. А каков вид на работа? Или духовно размислување, или молитва, зашто тие се патот до непрестајната молитва.

Молете Му се на Бога што почесто, како дишењето. Ако умот е зафатен со молитвата, тој нема да ја остави неа, тогаш него нема да го привекуваат надворешните впечатоци. Ако неговите мисли се високи, свети, духовни, тогаш тој нема да биде импресиониран од телесните убавини, туку од духовните. Тоа е толку едноставно!

Кога во сите околности, во сѐ што правиш, го гледаш Божјото присуство, и да правиш некое надворешно, потребно дело, и твојот ум да е зафатен со нешто друго – тој повторно е поврзан со Бога, Којшто е секаде присутен. Тогаш твојот ум не е љубопитен и тој не сака да види нешто, за што тој нема време. Тој нема време за друго, затоа што цело време е преокупиран со свети и повисоки духовни врски, а сѐ останато него го остава рамнодушен. Зборувам за непрестајната умносрдечна молитва.

Старец Петрониј