Поука - свети Николај Јапонски
 
 
 
 
 

Поука - свети Николај Јапонски (16.02.2013)

Многу одамна луѓето решиле да изградат Вавилонска кула, но Бог слегол и им ги измешал јазиците, така што не можеле да се разберат помеѓу себе, „и оттаму Господ ги расеа низ целата земја“. Но затоа што целата земја и била создадена за човечкиот род, со тоа раселување Господ не сакал да ги раздели луѓето. Тој ги поврзал со едни внатрешни врски, и затоа првите луѓе не ги изгубиле чувствата за единство во љубовта. Сретнувајќи се помеѓу себе, тие во секое време и во сите околности ја покажувале таа љубов. Како примери за тоа можат да послужат безбројните случаи на појавата на сочувство кај жителите на Азија кон Eвропејците. Во таквите моменти можеме да видиме дека на човечкиот род не му недостига копнежот за единство. Но достигнувањето на тоа не е резултат на сопствените сили на човештвото, зашто тоа за човекот е невозможно. Секое Божјо создание се исполнува со совршенство само преку присуството на Самиот Господ, нашиот Спасител.

Во Светото Евагелие има многу примери за таа наша придобивка. Да се потсетиме како Самиот Господ поучувал за единството на луѓето, на пример, при средбата со милосрдната самарјанка (Лука 10, 25-37), или за тоа како Тој пред Своето Вознесение на небото им заповедал на Своите ученици: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј 28, 19). Господ не проповедал љубов само со зборови, туку со целиот Свој живот сведочел за таа Божја љубов кон човештвото и го повикувал на единство. Таков повик слушаме и ние во ангелското славословие на Бога, кога нашиот Господ слегол на земјата (Лука 2, 14). Тоа станува јасно и од самото воплотување на Синот Божји кое благоволи сите луѓе да се сплотат во едно.

Особено тоа станува очигледно преку размислувањето за Светата Тајна Евхаристија. Со воспоставувањето на таа Тајна, Господ нѐ учи, сите нас, љубовно да се соединиме во едно семејство, пред да пристапиме кон ова Таинство. Преку него ние се прибројуваме кон родот на Божјите синови и престануваме да бидеме само Адамови синови. Тоа не може да се направи со никакви човечки напори и заслуги. Навистина, само преку учеството на таа таинствена Трпеза ние стануваме Божји чеда. Исто како што бебињата се хранат од мајчинските гради, како што луѓето пијат од земните води, така Телото и Крвта на Господ Исус Христос го хранат нашиот дух, и преку тоа ние растеме во Христовото Тело.

Некои во таа Тајна гледаат симболично претставување на Христос, но ние веруваме дека тоа е вистинското Тело на Самиот Исус.

Нашето сопствено тело е предмет на објективната реалност. Нашиот дух е вистински. За да се нахрани овој вистиснки организам, се употребува реална храна. Никаква симболика не може да ги задоволи гладта и жедта. Истото важи и за реалната сушност, како што е нашиот дух, совршено неопходна му е реална храна - Телото Христово. И ние, причестувајќи се со таа вистинска храна и питие, содејствуваме не само како Адамово семе, туку како вистински синови на небесниот Отец.

Денес вие ќе пристапите кон оваа таинствена храна не само заради себе, туку и поради тоа што цела Јапонија преку Телото и Крвта Христови стана дел од родот на Божјите синови. Да претпоставиме дека не сте многу на број, но помеѓу јапонците вие денес претставувате едно големо братство. Ако без соодветно расудување ги конзумираме полезните прехрамбени производи, тие ќе го оптеретат нашиот стомак, и нема да имаме никаква полза од тоа, туку напротив, ќе си нанесеме голема штета. Сосем е јасно дека истото треба да се каже и за тајната и страшна Трпеза. Според зборовите на св. апостол Павле: „Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша. Зашто кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува Телото Господово“ (1 Кор. 11, 28-29). Со недостојното причестување со Телото и Крвта Христови ќе се здобиеме со голема беда.

Но бидејќи вие, за среќа, се подготвивте за оваа Тајна во текот на неделава, со ревносна молитва и покајние, тогаш сигурно во вашите души ќе примите „благодат врз благодат“ (Јован 1, 16) – зашто јасно ги поимаме духовните богатства, коишто ги дарува оваа голема Тајна, која нѐ прави Божји синови.

Соединувајќи се со Христос, и ние да бидеме достојни чеда на небесниот Отец. Амин.

 

Свети Николај Јапонски