За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (26.02.2013)

Јас сум тука, а Бог е на небото. Јас сум распадлив, Тој е нетленен. Јас сум тело, Тој е дух. Тој е небесен, Тој е поинаков. Како тогаш можам да се соединам со Него или да му проговорам? Не можам да Му се обратам, не можам!

Сѐ уште се наоѓаме во состојба кога не Го гледаме Бога. Не Го разбираме. Не Го слушаме. Не Го познаваме. Живееме во целосно незнаење, всушност во еден тотален заборав. Ниту си спомнуваме за Него, ниту Го познаваме. Затоа и постојано викаме по Него, за да се сожали, да ни возврати; и кога ќе ни се обрати, тогаш ќе можеме да водиме дијалог со Него! Така започнува молитвата! Тоа се искуствата (опитот) низ кои поминавме за да стигнеме до молитвата.

Зарем не разбирате дека уште не сме започнале да се молиме. Затоа уште на самиот почеток треба да ја изговараме молитвата како повик од дното, од длабочините на душата. Молитвата може да се кажува и со усните. Може и со внатрешно слово. Може и преку устата, во грлото. Може и во срцето. Да треперат не само гласните жици, туку и жиците на срцето, од каде што ќе дојде гласот на духот. Но, најважно е молитвата да извира од длабочината на нашата душа.

Може да стојам, за да го покажам мојот копнеж, готовност. Може да коленичам, за да го изразам моето смирение и недостојност. Може да лежам на земјата, за да го покажам мојот пад, во кој сум живеел, за да може Бог што поскоро и уште повеќе да ме сожали. Може да се молам на бројаница, да викам или да молчам, за да ја надминам мојата немоќ или да го победам сонот. Може да се трудам, за да го победам унинието. Може да се качувам на планинскиот врв и да се симнувам од него носејќи камења, за да го победам сластољубието, затоа што духот може да биде силен, но телото продолжува да си ја носи својата немоќ. Можам да го правам сето тоа, но длабоко во себе треба да го имам тој внатрешен глас, за да може, во дадениот момент, Бог да ме чуе!

 

Старец Емилијан од Симонопетра