Љубете Го Бог
 
 
 
 
 

Љубете Го Бог (28.02.2013)

Седобриот и семилостивиот Бог, браќа мои, има многу и различни имиња. Се вика Светлина, Живот и Воскресение. Но првото име на нашиот Бог е Љубов. А ние, сакаме ли овде да проживееме како што доликува, да одиме во рајот и љубовно да Му пристапиме на својот Бог и Отец; но треба да имаме: љубов кон Бога и кон своите ближни. Ние сме создадени за тие два видa љубов. Тие ни се потребни, како што на ластовичката ѝ се потребни две крилја за да лета, зашто без нив невозможно е да се спасиме. Но прво сме должни да Го љубиме својот Бог, зашто Тој во ова наше привремено живеалиште ни даде толку земја, билки, извори, реки и мориња, воздух, ден, ноќ, небо, сонце. За кого го создаде сето тоа, ако не за нас? А што побара за возврат? Ништо. Сѐ ни даде како подарок. Нѐ создаде како луѓе, а не животни. Како православни христијани, а не бесчесни еретици. Макар и да грешиме по илјада пати во еден час, Тој како Татко нѐ милува и не ни го одзема животот, и не нѐ сместува во пеколот, туку со отворена прегратка нѐ чека да се покаеме, да се оттргнеме од злото и да правиме добро, да се исповедаме, нѐ чека да се исправиме, за да нѐ прегрне и да нѐ смести во рајот каде вечно ќе се радуваме.

Тогаш, зарем не треба тој пресладок Бог и Владика и да Го љубиме, и илјадапати да пролееме крв заради Неговата љубов, како што и Тој ја излеа Својата од љубов кон нас? Човекот кој те кани во својот дом и сака да те удостои со чаша вино, ти секогаш и во целиот свој живот ќе го почитуваш. А не треба ли да Го почитуваш Бог и да се срамиш од Него, Кој ти подари толку добра и се распна од љубов кон тебе? Кој татко некогаш се распнал заради своите деца? А нашиот пресладок Исус Христос ја пролеа Својата крв и нѐ откупи од рацете на ѓаволот. Тогаш, зар не треба и ние да Го љубиме својот Христос? А ние не само што не Го љубиме, туку уште и секојдневно Го навредуваме со гревовите кои ги правиме. Па кого би сакале, браќа мои, да го љубиме? Ѓаволот, кој нѐ извади од рајот и нѐ доведе во овој проклет свет каде што страдаме од злото? Тој кога би можел, уште овој час сите би нѐ убил и би нѐ пратил во пеколот. Ве прашувам, да ми кажете: зар не ни доликува да го мразиме ѓаволот, нашиот крвник, и да Го љубиме Бог, нашиот Создател? – Ни доликува, свети. – Право кажувате, нека ме заштити вашата молитва, и јас така велам, но на Бог Му е потребно и сместување за да одмори. А што е тоа? Љубовта. Затоа, и ние да имаме љубов кон Бога и своите ближни. И тогаш ќе дојде нашиот Бог и ќе нѐ израдува, и во нашето срце ќе насади вечен живот, па така и овде добро ќе поминеме, а и во рајот ќе отидеме за вечно да се радуваме.

 

Свети Козма Етолски