За љубовта
 
 
 
 
 

За љубовта (01.03.2013)

Трудете се да имате љубов. Секојдневно барајте љубов од Бога. Заедно со љубовта доаѓа и целото богатство на добродетелите. Сакајте за да бидете сакани од другите. Дајте Му го на Бога целото ваше срце, за да останете во љубовта. „Кој живее во љубовта, во Бога живее и Бог е во него“ (1 Јован 4, 16). Должни сте да имате големо внимание во меѓусебните односи и да се почитувате еден со друг како свети лица, како Божји икони. Никогаш не гледајте на телото или на неговата убавина, љубовта е во опасност да стане телесна и неприродна; во опасност е да го затемни умот и да го согори срцето.

Треба секојдневно да испитувате дали, можеби, љубовта не потекнува од нашата заедничка љубов кон Христос, или не потекнува од полнотата на нашата љубов кон Бога. Оној кој бдее за да ја сочува чистата љубов, ќе се спаси од замките на лукавиот, кој пак, се обидува, малку по малку, да ја преобрати христијанската љубов во сентиментална.

 

* * *

 

Љубовта кон ближниот е Божја љубов. Имено, Божјата љубов, бидејќи е бескрајна, неограничена од природата, затоа и се шири и сѐ покрива. Оној кој не го сака својот ближен ја нема неограничената љубов, односно, според тоа, нема љубов достојна за Бога. Оној кој го сака својот ближен, Го сака и Бог. Таков, исполнувајќи ја својата љубов, ги кине ланците на самољубието и себељубието, и како таков може да има бескрајна љубов, љубов достојна за Бога. Себељубието е една брана за љубовта, која ограничува на љубов само кон себе. Значи, за таквиот невозможно е да Го засака Бог, ако не го засака својот брат. Оној кој Го љуби Бога, не може да не го сака својот ближен, затоа што Бог престојува во срцето на оној кој љуби. Божјата благодат, која живее во човекот, го разбива обрачот на себељубието и самољубието, и ослободува љубов, која се шири насекаде. Следствено, недостатокот на љубов кон ближниот, претставува недостаток на љубов кон Бога. Така, лаже оној кој вели дека Го љуби Бог, а го мрази својот брат. Значи, пристапувајќи кон причестувањето со Светите Тајни, мораме да имаме, покрај страв од Бога и вера во светињата, и љубов кон ближниот. Во спротивно, неразумно јадејќи и пиејќи, ја јадеме и пиеме својата осуда, несфаќајќи дека тоа се Телото и Крвта Христови.     

 

Свети Нектариј Егински