За четирите духовни оружја (02.03.2013)
Браќа мои, монаси и мирјани, кои се борите за спасение на своите души, добро е да знаеме дека во борбата потребни ни се овие четири оружја.
Првото оружје е никогаш да не се надеваме самите на себе, зашто Светото Писмо вели: „Проклет да е човекот кој се надева во човек и кој смета дека телото му е силно“. Значи, прво што е потребно во невидливата борба е да ја спознаеме својата немоќ и ништожност, бидејќи „кој себеси се смета за ништо“, вели св. Јован Златоуст, „се познава подобро од сите останати“; а св. Јован Дамаскин вели: „Ништо не е подобро од тоа човекот да ја спознае својата немоќ“.
Второто духовно оружје, кое е од голема полза во невидливата борба, е надежта само во Бога. Значи, да се надеваме само на Бога и Него да Го молиме: „ Господи, не ме оставај; Боже мој, не оддалечувај се од мене; Дојди да ми помогнеш, Господ на моето спасение“.
Третото духовно оружје е трпението, кое многу ни е потребно во нашата борба, како што можеме да прочитаме во Светото Писмо: „Во оваа тешка и голема борба потребно ни е трпението“.
Последното духовно оружје е молитвата. Ова оружје, кое на сите ни е потребно до последниот здив, не е телесно, материјално оружје, туку духовно и невидливо, „но со Божјата помош е силно да разрушува тврдини“ на непријателот. Таа уште и се нарекува „оружје на Светлината“, затоа што преку неа ја добиваме духовната Светлина на Светиот Дух, а со нејзината непрестајна употреба се спасуваме и стануваме причесници на невечерната Светлина на идниот век.
Старец Клеопа