Божјиот народ треба да знае дека е ново создание во Христос (03.03.2013)
Апостолот вели: „Првиот човек е од земја, земјен, вториот човек е од Господ, небесен. Каков е земниот, такви се и земните; и каков е Небесниот, такви се и небесните; и како што го носиме обликот на земниот, така ќе го носиме и образот на Небесниот“. А ние сме должни безгранично да се радуваме на оваа промена: благодарение на неа ние преминуваме од обична земја во небесно достоинство, заради неискажливото милосрдие на Оној Кој, за да ни го подари Своето, слезе кај нас, примајќи ја не само суштината, туку и состојбата на грешната природа, која е допуштена од Божјата бестрасност, за преку тагата да се искуси човечката смртност. Со Своето милосрдие, за тагата да не ги мачи долго смртните души на учениците, Тој со толку зачудувачка брзина го скратил и објавил тридневниот период... И така, Воскресението на Спасителот не ги задржало долго ни душата во рајот, ни телото во гробот; и оживувањето на нераспадливото тело се случило толку брзо, така што тоа било налик на сон, значи Божество наместо смрт, Кое не отстапило од Својата суштина (душата и телото), давајќи им на луѓето, моќ на соединување и моќ на разделување.
За да се потврди авторитетот на верата, која треба да се проповеда низ целиот свет, постојат многу докази: каменот бил поместен, гробницата празна, плаштаницата оставена настрана, и ангелите, објавувајќи што се случило, красноречиво ја потврдиле вистината за Господовото Воскресение. И самиот Тој, им се јавува на жените и повеќепати им се открива на апостолите – не само зборувајќи, туку и живеејќи и јадејќи со нив, и допушта со почит и љубов да им се прикаже на оние кои ги опфаќа сомнеж (Лука 24, 39). После сѐ, Тој влегува кај учениците преку затворени врати и со Својот здив им го праќа Светиот Дух, и, им го просветлува разумот, откривајќи им ја тајната смисла на Светото Писмо, и им го покажува Своето прободено ребро, раните од клинците, и сите знаци на неодамнешното страдање, за сите да разберат (признаат) дека својствата на Божјата и човечката природа во Него остануваат неразделни, за и ние да исповедаме дека Синот Божји е и Слово и плот.
Божјиот народ треба да знае дека е ново создание во Христос, и трезвено да сфати, Кој го посвојува новото создание и од Кого е прифатено. Обновувајќи се, да не се врати кон несигурното распаѓање; да не го остави своето дело тргајќи ја раката од ралото, туку да се труди во сеењето и да не погледнува назад. Никој да не гледа од каде дошол, туку сега, кога заради телесните слабости боледува од некои болести, да ја покаже својата решителност за исцелување и искачување. Зашто таков е патот на спасението, и така се подражава Христовото Воскресение - кога на лизгавиот пат на овој живот нѐ застануваат разни грешки и падови, тогаш учесниците во поворката се премесуваат од несигурната почва на цврста; затоа што кажано е: „Господ ги зацврсти стапките на човекот и мили Му се неговите патишта. Ако падне праведник, нема да се разбие, зашто Господ го држи за рака“ (Пс. 36, 23-24).
Свети Лав I, папа Римски