За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (04.03.2013)

Доколку смиреномудрието и љубовта, кроткоста и благоста не се во нас, тесно соединети со молитвата, тогаш и самата молитва, подобро кажано – оваа маска на молитвата, може да ни донесе многу малку полза. А ова го тврдиме не само за молитвата, туку и за секој подвиг и труд, девственост или пост, или бдеење, или пеење псалми, или служење, или која било друга активност, која се извршува заради добродетелите. Доколку во себе не ги здогледаме плодовите: љубов, мир, радост, кроткост, ќе додадам и: смиреномудреност, простодушност, искреност, вера колку што треба, великодушност, дружељубивост – залудно сме се труделе,  затоа што и покрај трудот ќе се заклучи дека во нас ги нема плодовите на љубовта. Затоа таквиот по ништо не се разликува од петте неразумни девојки, кои заради тоа што во срцата сѐ уште немале духовен елеј, односно немајќи никаква полза од духовните подвизи за погоре наведените добродетели, се наречени неразумни и биле оставени да стојат надвор од царскиот дворец. Како што за време на обработувањето на лозјето целата грижа и целиот труд влегува во надежта за плодови и доколку нема плод се смета дека работата била залудна, така, доколку не видиме во себе, преку дејството на Светиот Дух плодови на љубов, мир, радост и сѐ останато што набројал апостолот (Гал. 5, 22), и ако не ги препознаеме во себе со потполна сигурност и духовно чуство, и ако не можеме да признаеме дека несомнено постојат во нас, ќе се покажат излишни, и подвигот на девственост, молитва, пеење псалми, пост, бдеење. Зашто овој труд и душевните и телесни подвизи мораат да се извршуваат, како што кажавме, со надеж за духовни плодови, а добродетелните плодови и се духовно насладување со непорочно задоволство, кое неискажливо доаѓа од Духот во срцата на верните и смирените. Заради тоа, подвизите и трудот мораат да бидат почитувани како онакви какви што навистина се, како труд и подвизи, а плодовите како плодови. Меѓутоа, ако некој заради недоволното познавање својот труд и подвиг ги смета за плодови на Духот, ќе се заклучи дека очигледно се мами себеси, и заради ваквото мислење вистински се лишува од големите плодови на Духот.

Големо оружје против непријателот има оној кој во молитвата се држи до смирениот плач, заради радоста која ја дава молитвата, за да не падне во високо мислење за себе. Оној кој ја чува оваа таговна радост ќе избегне секаква штета. Вистинската молитва која не мами е онаа во која топлината од Исусовата молитва фрла оган во земјата на нашето срце и ги гори страстите како трње. Таа со радост и мир ја осенува душата и не доаѓа од десната или од левата страна, не доаѓа дури ни од горе, туку истекува во срцето како извор вода од Животворниот Дух. Само неа засакај ја и ревнувај за да ја имаш во своето срце, секогаш чувај го умот од високоумието. Со неа не се плаши од ништо, зашто Оној Кој рекол: „Јас сум, не плашете се!“ е лично со нас. Оној кој вака устроен живее праведно и непорочно, туѓи му се себеугодувањето и високото мислење за себе, ќе остане да стои и нема да претрпи никаква штета, дури и ако цел демонски полк тргне кон него и го нападне со безброј искушенија.

Схи-игумен Харитон Валаамски