Зошто служиме помен за починатите? (09.03.2013)
Затоа што така ни е заповедано. А дека така ни било заповедано се гледа од тоа што не постои период кога во Божјата Црква не се служел помен. Значи, тоа ни е од апостолите и од Самиот Господ.
Невозможно е да не се тагува, таква ни е душата; но со мера. Што е поважно за човекот: телото или душата? Душата. Кога душата е жива и човекот е жив. А кога тој умира, што умира: душата или телото? Телото, а душата останува жива. Значи, умрените се живи; живи се и вашите родители. Тие само се одвоиле од вас и живеат на друго место. Таму ќе отидете и вие кога ќе ви дојде времето – и ќе се видите. Разделбата е само привремена. Затоа и велам дека невозможно е да не се тагува, но само малку. Ние ги замислуваме починатите онакви какви што биле пред заминувањето, како лежеле во сандакот... и дека се во гроб; дури и им велиме: колку ви е тесно таму, темно и влажно... А всушност, таму ги нема оние кои ги оплакуваме. Тие се на друго место, дури и покрај нас, само во потполно друг облик.
Плачете, солзете, нема ништо неприродно ниту недостојно во тоа. Би било чудно ако мајката не тагува заради упокоената ќерка. Но треба да се знае мерата: да не се очајува и да не се заборават оние толкувања за смртта, што ние христијаните ги имаме. Умрела! Таа не умрела, туку телото, таа е жива и живее исто како и ние, само во друг облик. Таа и доаѓа кај вас и ве гледа. И сигурно се чуди зошто вие плачете и очајувате, кога на неа ѝ е подобро. Тој облик на живот е над нашиот. Ако таа се појави и ако ја замолите повторно да влезе во тело, таа никако нема да се сложи. Зошто да ѝ се спротивставувате, да го посакувате она што таа не го сака? Каква љубов е тоа?
Тие се живи, и нашето општење со нив не е прекинато. Како што се молиме за живите, не правејќи разлика помеѓу оние кои одат по праведниот пат или по некој друг, така се молиме и за починатите без оглед на тоа дали тие се меѓу праведните или грешните. Тоа е долгот на братската љубов. Додека последниот Суд не нѐ раздвои, сите, живите и починатите, ја сочинуваат Црквата. И сите сме должни меѓусебно да се однесуваме како делови од едно тело, во духот на добрината и љубовта, и живите и починатите, без радвојувања заради „смртта“.
Свети Теофан Затворник