Како да Ја именуваме Дева Марија? (10.03.2013)
„Каде што се умножува гревот, благодатта се јавува во изобилие“ (Рим. 5, 20).
Преку жена ние станавме смртни, преку Жена одново сѐ ни се врати. Преку змијата ние вкусивме горчлив плод, преку Неа ние повторно се наситуваме со бесмртна храна. Прамајката Ева го роди Каин – началникот на зависта и порокот, Единородниот Божји Син го поврати животот и воскресението. О, прекрасно чудо! О, неискажлива премудрост..!
Како да ја именуваме Дева Марија? Небо – зашто Таа во Себе Го смести Творецот на небото и земјата. Сонце – затоа што Таа, посветла од сонцето, Го роди Сонцето на правдата. Месечина – бидејќи таа, неспоредлива убавина, Го роди плодот на убавината – Христос. Облак – оти Таа на раце Го носеше Царот на облаците. Светилник – зашто Таа донесе светлина и заштита во мракот. Трон – затоа што Таа од Светиот Дух зачна со невидливиот Цар на тронот Отечки. Бисер – бидејќи Таа смртните ги подготви за многуценетиот Бисер. Рај – оти Таа го одврза едем за осудените и ги воведе во вечното Царство. Планина – зашто Таа без офкање Го смести Оној од Кого горите димат (Пс. 103, 32). Земја – затоа што Таа безболно Го носеше Оној од Кого земјата се тресе. Трпеза – бидејќи Таа мајчински го хранеше со млеко Оној Кој нам ни праќа храна. Море – оти Таа со Своите усни го целиваше Оној Кој ги поврза водите во едно...
Преславната Дева Марија натприродно Го роди Богочовекот, затоа ние го целиваме Нејзиното чесно место, како Мајка на Оној Кој прими тело како нашето и воскресна од мртвите. Ние достоинствено се полонуваме на Сесветата Родилка – зашто Таа е навистина Света, неискажливо раѓајќи Го Единствениот Свет.
Свети Тарасиј, патријарх Константинополски