За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (13.03.2013)

Пред сѐ, да проникнеме во словото на Спасителот, Кој ни вели: „Без Мене не можете ништо да направите“ (Јован 15, 5). Значи, секогаш, без оглед на тоа што правиме, треба да прибегнеме кон Него, и така Тој ќе нѐ научи на вистинската вера. И да живееме според верата, како што е кажано во апостолските Дела: „Да Го бараме Бога... зашто ние преку Него живееме, и се движиме, и постоиме“ (ДА 17, 27-28). Оттука, со оваа потрага, се остварува приближувањето кон Бога, коешто происходи од беседата со Него. Молитвата значи разговор со Бога, ние се молиме со некого или сами, и Бог ја прима нашата молитва. Таков треба да биде животот на христијанинот – тој секогаш да биде со Бога. Но, како што нѐ учат Светото Писмо и светите Отци, тоа е возможно, само ако постојано се молиме.

„Молете се постојано, молете се непрестајно“, така нѐ учи (поттикнува) апостолот Павле, 64 години од Рождеството Христово, кога тој го напишал Посланието до солуњаните. Значи, од самиот почеток заповедта била таква: ние да се молиме непрестајно. И тоа слово се однесува на сите луѓе, на сите христијани, а не само на монасите и свештениците. Зашто во тоа време, кога св. апостол Павле го напишал Посланието, немало цркви, ни свештеници, ни манастири. Постоеле христијански општини, основани од светите апостоли, каде верниците го кршеле лебот и се причестувале со Телото и Крвта Христови. Јас мислам дека за тоа слово на апостолот Павле, што било напишано и за нас, ние ќе треба да дадеме одговор, кога ќе го напуштиме овој свет. Затоа што тој јасно кажува: молете се постојано; а не: ако сакате, ако можете... молете се непрестајно.

Старец Јулијан Лазар

(Ава Јулијан Лазар е еден од најстарите романски монаси кои се подвизуваат на Света Гора. Станал монах на 20 год. во манастирот „Сихастрија“. Во 1977 г. доаѓајќи на поклонение, останува на Света Гора и веќе 30 год. е духовник во скитот „Подром“. На 8 јануари тој наполнил 87 години)