За искушенијата (14.03.2013)
Отците, носители на Духот, посочија пет главни причини заради кои Бог му дозволува на нашиот непријател да се бори против нас. Првата причина е дека ние постојано војуваме за да спечалиме добродетели. Втората, созданието да се исчисти преку болката и борбата. Третата, за да останеме смирени; кога напредуваме во добродетелите и праведноста да не се возгордееме. Четвртата, за да го замразиме злото. Петтата, конечно, „за да станеме бестрасни преку Божјата благодат“ не заборавајќи ги нашите слабости, ниту тоа дека Бог секогаш ни помага. Бог по природа е добар, самодобар и наддобар, не сака заради нивната слободна волја Неговите созданија да бидат тажни и да страдаат, особено човекот. Натрупувањето на страстите во нашата природа не е последица на Божјата слободна волја, туку на Божјата икономија и грижа. Да останеше човекот постојан во она што беше првобитната Божја волја, искушението ќе останеше непознато зашто тогаш не би имало што да се исправува. Престапот (непослушанието) и човековиот пад ја пореметија хармонијата во дејствувањето на созданијата, и заради ова, Божјата волја бара урамнотеженост во нашата падната природа. Сите искушенија, кои бараат од нас непрекината борба, допуштени се од Бог (икономијата) за да се вратиме во поредокот, како во внатрешниот, така и во надворешните дела, зашто без редот светот претставува бунт и против нас самите и против нашиот Создател. Лошиот и лукав непријател и клеветник, примен е заради нашата слободна волја, заради тоа што првосоздадените слободно му се потчинија, и оттаму се појавила слабоста во човечката природа. Така и нашето знаење после падот се расипало „помислите на човечкото срце се зли уште од младини“ (Битие 8, 21), и тоа станало носител на бесловесноста на лукавиот. Умот кој е насочен кон Бога преку покајанието е во согласност со Него. Во делата, пак, се појавуваат и други фактори, и затоа се појавува потребата од посредништво и исцелителска помош, за да успееме да се ослободиме. Исцелителната помош ја добиваме заради Божјата милост, во согласност со Божјата икономија која нѐ разбудува и поправа кога многу елементи на нашето битие делуваат во правец на одбивање на Бога. „Но судејќи нѐ, Господ нѐ кара, за да не бидеме осудени со светот“ (1 Кор. 11, 32). Стардањата и тагите се допуштени за овде во овој живот да се ослободиме од страстите, во спротивно гревовните слабости ќе го уништат спасението.
Секое искушение ни е од полза, затоа што потполно му одговара на оној кој страда. Ова е согласно со зборовите кои нѐ уверуваат дека ќе бидат осудени оние кои ја отфрлаат Божјата волја и кои нема да останат „до крајот“ во испитувањето на исповедањето на Христос. За верните не е лажна сигурноста дека ќе се избавиме ако стоиме настрана од отфрлувањето и предавството на Бога, затоа што она што го објави нашиот Господ не е алегорично, туку вистинито. Најтиранско од сѐ е мислењето дека сме отпаднале од Божјата љубов заради тоа што сме Го навредиле, и така сме ја отстраниле приврзаноста кон татковството на нашиот Спасител, која постојано се појавува. Никој нека не мисли дека може да ја запре. „И бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Јован 13, 1). И тие самите, до крајот, ќе Му се враќаат.
Старец Јосиф Ватопедски