Твојата болка ќе се преобрази во радост (15.03.2013)
Зошто си тажен и намуртен кога се движиш по Божјиот пат? Би требало да жалат оние кои ја немаат радоста, кои заборавиле на Бога и не се надеваат во вечниот и животворен Божји извор. Меѓутоа ние, кои веруваме во живиот Бог и кои се надеваме на Него, треба да се радуваме зашто на небото имаме Отец Кој нѐ љуби повеќе од сите татковци и мајки, и бескрајно се грижи да нѐ направи достојни.
Ние паѓаме постојано, ми велиш. Да, тоа не го одрекувам, но знаеме дека нашата природа потекнува од глина, тежнее за земјата и го бара она што е ниско зашто мислата на „човечкото срце е лоша“. Внатре во себе го гледаме законот кој тежнее да ја пороби нашата слободна волја, да ја врзе и да ја направи робинка на гревот (Рим. 7, 23).
Меѓутоа, во сето тоа, триумфира нашата добра намера. Бог ни дал духовно оружје со кое ќе се спротивставиме на секој сатански напад: поставениот барјак, Крстот на надежта, живата надеж во Оној Кој рекол: „Нема да те оставам, ниту ќе се откажам од тебе“, надежта во нашиот Христос Кој бил прикован на Крстот; и сите кои гледаат во Него, и се надеваат на Него, нема да бидат посрамени.
Сенепорочната Крв која била излеана на Крстот ги искупила гревовите на човештвото и од неа протекол нов живот. „Блажен е човекот кој се надева на Него“.
Биди силен, чедо мое. Твојата болка ќе се преобрази во радост. Оваа болка ќе ти донесе големо добро. Тој те опкружва како железен оклоп така што злобните стрели поврзани со земното нема да можат да го одвојат твојот ум од грижата за небесното и за твојата бесмртна душа.
Болката ќе биде заменета со радост, како што денот ја менува ноќта. Таков е патот кој Отецот на Светлината го утврдил за оние кои ќе се спасат. Потребно е само трпение и надеж: врежи ги во длабочината на своето срце и со нив ќе се соочи сѐ што се противи.
Старец Ефрем Филотејски и Аризонски