Зошто треба да простуваме?
 
 
 
 
 

Зошто треба да простуваме? (17.03.2013)

Исус Христос вели: „Ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13, 15). Затоа ние, возљубени браќа, должни сме да учиме од својот Учител и од Него да го земеме секој пример.

Ние не учиме од силни проповеди. Понекогаш и најслаткоречивата проповед не предизвикува никаков впечаток, а понекогаш само еден збор раздвижува сѐ во нас, го менува целиот наш живот, бидејќи научните расудувања не допираат до срцето, туку само го тешат разумот. Преподобен Јован Лествичник раскажува како еден богат човек барал прошка од секој кој влегувал во манастирот, велејќи: „Прости ми брате во мене е нечистиот дух“.

И со тој збор „прости“ постигнал најголемо смирение, кое му дало безмерен мир и спокој. И ние денес ќе ги земеме зборовите на Спасителот, Кој вели: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето нивните гревови и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Мат. 6, 14-15).

Апостолот Петар Го прашал Господ Исус Христос: „Господи, колкупати да му простам на брат ми, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“ А Господ му одговорил: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум“ (Мат. 18, 21-22), односно бесконечно, до смртта. Да поттикнеме три размислувања: зошто треба да си простуваме едни на други, како се простувало во минатото а како денес, и како треба ние да простуваме. Ние треба да ги простуваме навредите заради три причини: пред сѐ, бидејќи ако не простиме ни Господ нема нам да ни прости; потоа, ако имаме ладни срца Господ нема да ги прими нашите молитви; и на крај, взаемното простување е потребно бидејќи донесува неискажлива духовна радост.

Треба да простуваме, бидејќи Господ нема нам да ни прости. Ако имаме ладни срца, тогаш Господ нема да ги прими нашите молитви, бидејќи Тој не може да им прости на ладни срца. И каква ќе биде нашата молитва доколку некого растажуваме, доколку носиме навреда во срцето? Таквото срце не може потполно да се препушти на молитвата. Не можеме да добиеме кроткост и духовен мир.

Но, кога ќе простиме, колку лесно му станува на срцето и колку слободно и радосно дишат градите! Сетете се колку ни е тешко ако некој човек нѐ навреди, како не сакаме да се сретнеме со него и како ни е непријатно кога ќе го видиме неговото лице. Треба да се рече: „Прости“. Како тој збор во моментот ја препородува душата, како му станува лесно и светло на срцето; непријателот сега станува сакан човек и ние сме спремни на сѐ за тој некогашен непријател.

Ете затоа треба да си простуваме едни на други. Св. Јован Лествичник раскажува дека во еден манастир имало монах кој се викал Кир, кој неверојатно многу трпел од браќата. Секој ден го бркале од трпеза, викале по него, а тој сѐ трпел и молчел. И кога го прашале како може да поднесува толку навреди, тој одговарал: „Монахот треба да трпи триесет години, а јас ќе трпам уште петнаесет“. И заради големото простување Господ го вброил во светите. Веројатно се сеќавате на житието на св. Алексеј човекот Божји, кој на татковиот праг бил навредуван и биен, потуран со помии, но тој сѐ трпел и на сите им простувал. Од житието на преподобниот Доротеј се знае дека тој исполнувајќи го послушанието во болница, ако некој случајно го навредел, заминувал некаде и многу плачел. И кога Старецот Доротеј ќе го нашол и прашал: „Чедо, што се случило?“, тој плачејќи велел: „Отец, го навредив својот брат“. Старецот му велел: „Чедо, сети се дека не го навредуваш својот ближен, туку Самиот Господ“. И кога ќе видел дека тој веќе доволно плачел, ќе му кажел: „Господ ќе ти прости, чедо. Сега ќе започнеме нов живот и ќе се трудиме да не им правиме зло на ближните“.

Како ние треба да простуваме? На ближните треба да им простуваме за зборовите, делата и чувствата. Ако некој ни врати, ни направи зло, ни одземе нешто, нѐ протера од едно во друго место, ние сѐ треба да поднесуваме со трпение, секавајќи се на заветот за простувањето за сѐ. Ако некој нѐ навреди со зборови и нѐ осудува, треба да молчиме. Но, ако срцето не издржи, ако исплива на површина навреда, тогаш треба да се укоруваме, кажувајќи за оној кој нѐ навредил: „Можеби јас многу повеќе сум навредувал и сум правел полоши работи“. И ако простуваме од  срце, од чисто срце и срце што љуби, и ако се укоруваме за своите гревови, тогаш и нам милостивиот Господ ќе ни прости во идниот живот. Амин.

 

Епископ Венјамин Милов