За постот
 
 
 
 
 

За постот (21.03.2013)

Кога ќе размислам за неочекуваната промена до која дојде, кога ќе се потсетам на вчерашната врева, тогаш ми станува јасна силата на постот кој, влегувајќи во совеста на секој од нас, ги измени нашите мисли, го исчисти умот, кај сите луѓе, без разлика на чинот, не само кај машките, туку и кај жените, богатите и сиромашните. Денес веќе не се разликуваат трпезите на сиромавиот и богатиот; кај сите е подготвена обична храна, без оглед на барањата и можностите; на обичната трпеза сега ѝ се пристапува со поголемо одушевување отколку порано кога беше поставена изобилно разновидна храна и вино.

Велиш дека постиш. Докажи ми преку своите дела. А кои се тие дела? Ако видиш сиромашен, дај му милостина. Ако се сретнеш со своите непријатели, смири се со нив. Ако на улица видиш некое убаво лице, сврти го својот поглед од него. Значи, да не постиш само со стомакот, туку и со очите и слухот, и рацете и нозете, и сите делови на телото. Рацете нека постат воздржувајќи се од секоја алчност и кражба. Нозете нека постат така што нема да одат по патиштата на гревот. Очите нека постат така што нема страсно да гледаат во убавите лица ниту да гледаат со завист на богатството на другите луѓе. Велиш дека не јадеш месо, но внимавај страсно да не го голташ со очите она што го гледаш околу себе. Пости и со слухот не слушајќи оговарања и интриги. Со својата уста и јазик пости и воздржувај се од лошите зборови и шали. Каква ни е ползата ако не јадеме месо и риба, а ги јадеме своите ближни.

Свети Јован Златоуст